Советот на јавни обвинители ќе ја „чешла“ работата на Катица-Седницата одложена!
Специјалната обвинителка се најде на тапет на Советот на јавни обвинители кои бараат отчет за нејзината стручност и постапка при преземањето на материјалите за незаконско прислушување од лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Меѓутоа денешната седница која беше закажана за во 11 часот и на која требаше да се донесе заклучок за отчетот е презакажана за 27 јануари поради болеста на претседателот на Советот.
Јавните обвинители го спорат тоа што не бил направен записник при примопредавањето на маетеијалите. Јанева јавно потврди дека не е направен никаков записник посочувајќи дека во тој чекор нема ништо незаконско.
Доколку од Советот на ЈО утврдат било какви грешки кај специјалната обвинителка може да побараат нејзино разрешување.
„Jа уверуваме јавноста дека целокупното постапување на ова Јавно обвинителство е согласно законските прописи и околноста што не е сочинет записник во моментот на самото предавање на материјалите не е пропуст во смисла на законските одредби. Материјалите што се доставени, се доставени по претходно барање на јавниот обвинител упатено согласно член 287 од Законот за кривичната постапка. Согласно овој член, не се бара сочинување на записник, а и ако побарате информации за начинот на постапување во јавните обвинителства кога се примаат докази по овој член, ќе наидете на истиот одговор и на истата пракса на работење – посочија од Специјалното обвинителство“.
Доколку дојде до дисциплинска мерка и разрешување од функцјата која е постапката?
Според Законот за специјалното обвинителство, „Јавниот обвинител се разрешува од функција пред истекот на мандатот поради незаконско, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Ако Советот на јавни обвинители почне постапка за разрешување на Јавниот обвинител, Советот на јавните обвинители во разумен рок ќе достави извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување до Собранието на Република Македонија“. Собранието, со претходна согласност на четирите најголеми партии, треба да состави предлог за разрешување. Предлогот за разрешување Собранието го носи со двотретинско мнозинство плус Бадентер. Потоа парламентот ваквиот предлог му го доставува на Советот на јавните обвинители, а тој го врши разрешувањето.
