Економија, финансии, бизнис

Контакт

Советникот за енергетика на Заев и Ковачевски ненадејно стана директор во ЕСМ

Советникот за енергетика на Заев и Ковачевски ненадејно стана директор во ЕСМ

Виктор Андонов. советникот за енергетика во кабинетот на актуелниот премиер Димитар Ковачевски, како и на поранешниот Зоран Заев, ненадејно е назначен за директор за развој и инвестиции на АД ЕСМ. Одлуката е донесена на 9 октомври, а Андонов доаѓа на местото на Благој Гајдарџиски.

Андонов исто така беше советник на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, а откако е во Владата, како и претходно, работи на спроведување на проектот „Чебрен“.

Андонов ни изјави дека со оваа одлука повеќе нема да биде советник во Владата и дека, освен Чебрен, ќе работи на, како што вели, повеќе други амбициозни проекти, меѓу кои тој најавува и пловечки фотонапонски централи на вештачките езера.

- Енергетската криза ни покажа дека акцент треба да се стави на инвестициите, бидејќи зголеменото производство на електрична енергија ќе ни донесе стабилност на среден и долг рок. Еден од клучните проекти кој ќе биде во фокусот е ХЕЦ Чебрен, кој после две децении неуспешни тендерски постапки конечно се заврши позитивно, преку заедничко вложување со грчката ППЦ и Архиродрон. Фокус ќе биде ставен на развојните проекти во Битола, фотонапонски електрани од над 200 MW, дистрибутивен систем за греење на соларна енергија, нова комбинирана гасна електрана во РЕК Битола и завршувањр на топловодот до Битола и развој на дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Битола. Изградба на втората соларна електрана во Осломеј, како и инвестициски активности за нова гасна електрана во ТЕЦ Неготино. Ќе се работи и на развој на пловечки фотонапонски електрани на постојните вештачки акумулации, вели Андонов.

Во меѓувреме реагираа од комисијата за енергетика на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека во назначувањето на Андонов има судир на интереси и дека тој сака да си обезбеди сигурен просперитет и откако, како што гласи соопштението, ќе дојде до промена на власта.

„Виктор Андонов е новиот директор на Секторот за развој и инвестиции во АД ЕСМ. Советникот на Ковачевски, кој до вчера го бранеше штетниот договор со што проектот Чебрен ќе се даде на грчка фирма и тие ќе профитираат од македонските ресурси, добива нова позначајна функција. Прашуваме, дали тука постои конфлик на интерес?

Колку Виктор Андонов совесно ќе ја извршува директорската функција во државните електрани и со што ќе допринесе за нивниот развој, кога веќе ХЕЦ Чебрен требаше да биде главен развоен проект на АД ЕСМ, а од друга страна од портфолиото на АД ЕСМ се подарува и профитабилната и во добра кондиција ХЕЦ Тиквеш? Од друга страна пак се поставува прашањето дали постои конфликт на интерес и непотизам со оглед на тоа што неговата сопруга веќе е советник на генералниот директор на АД ЕСМ уште од 2017 година? Или пак ова е добро познатата политика на Владата во заминување да си ги „спастри“ заслужните кадри пред заминување?“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку Андонов во изминатите пет години, како советник за енергетика Анѓушев, Заев и Ковачевски, учестуваше и во спроведувањето на енергетските реформи со донесувањето на новиот Закон за енергетика, во процедурата за воведување на доделување на премиум тарифи за фотонапонски централи, изработката на Стратегијата за развој на енергетиката, а за време на енергетската криза беше и портпарол на кризниот штаб.

А.К.

Слично

Поврзани вести