Советник на Општина Вевчани стана сопственик на фабрика за медицински канабис
Јовица Лешоски, доскорешен член на Советот на Општина Вевчани, е еден од сопствениците на фабриката за медицински канабис, масло од канабис и други производи - „Флауер Пауер“ што треба да се отвори наскоро во ова место.
Лешоски беше носител на листата на кандидати на советници на ВМРО-ДПМНЕ на претходните локални избори 2017, но не стана претседател на Советот на општината, затоа што тогаш победи СДСМ. Фабриката се отвора за краток период по завршувањето на локалните избори, во кои Вевчани доби градоначалник во вториот круг, а Лешоски не е во новиот Совет, каде што сега ВМРО-ДПМНЕ го има мнозинството и пет советници.
Промените на Централниот регистар велат дека Лешоски е еден од сопствениците на оваа фабрика за медицински канабис, како и извесниот Стевче Ѓоршовски од Охрид, додека фронтмен на проектот е холандскиот бизнисмен Гидоин Матје ван дер Борн.
Сега веќе поранешниот градоначалник Сашо Јанкоски точно пред еден месец потврди дека во малата рурална општина ќе се отвори фабрика за производство на медицински канабис, масло од канабис и други производи, а производството ќе започне следната година.
- Станува збор за повеќе милионска инвестиција во ова модерно производство. Повеќе месечните преговори и одличните понудени услови од страна на општина Вевчани кон инвеститорите вродија со плод. Во текот на вчерашниот ден имавме средба на која си подадовме рака со управителот и сопственик на фирмата “ФЛАУЕР ПАУЕР” ДОО Вевчани, господинот Matthieu van der Born, информираше тогаш Јанкоски..
Со отворањето на фабриката се отвораат и 50- тина нови добро платени работни места, а договорено е предност при вработувањето да имаат локалните жители. Веќе треба да почнат првите вработувања и поставување на опремата..
Фабриката за производство на медицински канабис, масло и други производи од канабис ќе биде сместена во веќе постоечки објект на влезот од Вевчани, за што бил склучен договор со сопственикот.
Производствениот процес, како што информира градоначалникот Сашо Јанкоски, треба да почне во октомври идната година, а за неполн месец ќе почне постапката за вработување. Тој информира дека имал средба со сопственикот на компанијата „Флауер Пауер“ Матео ван дер Борн од Холандија, на која биле прецизирани условите за отпочнување на инвестицијата.
А.К.
