Совети по етика и однесување – од државниот врв до 3 илјади административци
Државниот врв ги советуваше административците, а премиерот Никола Груевски им порача дека на работно место се само заради граѓаните и фирмите кои се упатени кон нив, за време на промоцијата на концептот Менаџмент етика.
„А ако тие се незадоволни од вас, и ако тоа незадоволство е оправдано, порано или подоцна ќе се соочите со проблем“, истакна Никола Груевски пред раководните лица од државната и јавната администрација, голем дел од нив негови сопартијци.
Побара од нив да ги почитуваат законите и да не го заборават проектот дека нема погрешна врата, а секој кој залутал кај нив, да го упатат на вистинското место.
„Вие земате плата од даноците кои ги плаќаат сите граѓани од нивните фирми и даноците кои ги плаќаат фирмите. Со добра воља значи дека не ви е идејата да го откачите колку можете побрзо, туку најбрзо можно да му помогнете и да му ја завршите работата во рамките на законите. Објаснете му се што треба, доволно долго и онолку пати колку што е потребно додека не се уверите дека ве разбрал“, додаде Груевски кој побара да не бидат арогантни, но и да не го повишуваат тонот при комуникацијата.
Да бидат чесни, искрени и креативни, побара и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. И тој во обраќањето кон 3 илјади раководители во администрацијата, но и членови на надзорни и управни одбори истакна дека работата во јавниот сектор е голема одговорност.
„Денеска ја имаме можноста да ја водиме земјата и да бидеме на значајни функции. Утре ние ќе бидеме од другата страна на шалтерите и ќе ја бараме услугата. Затоа да не забораваме дека треба да останеме луѓе и да бидеме присебни. Треба да ја задржиме контролата над себе и секогаш да ги почитуваме оние за кои сме на овие места, а тоа се граѓаните и фирмите“,рече Ставрески.
Совети имаше и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски. За него пак успехот на економскиот развој на една држава зависи од јавната администрација. Присутните ги повика да бидат посветени професионалци.
„Секогаш кога можете стимулирајте ја работата и прифаќајте ги новите идеи. Дајте им поддршка на квалитетните луѓе, градете го тимскиот дух. Најдобриот начин секој од вас да покаже дека ја сака својата држава и дека се грижи за нејзината иднина е да биде професионален. Професионализмот денес значи патриотизам. За вистински патриотизам потребно е секој од нас да го даде својот максимум на работното место, да ја врши што поквалитетно работата бидејќи така се дава придонесот за државата“, рече Пешевски.
Свои обраќања имааа и вицепремиерот Фатмир Бесими, Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, министерот за правда Блерим Беџети. На промоцијата на концептот Менаџмент етика беа доделени и првите награди за барометарот за квалитет на Централниот регистар и Бирото за јавни набавки.
Слично
