Социјалците земаа за пет проценти повисока социјална помош
Корисниците на социјална парична помош денеска го добија покачувањето од пет проценти.
Средства во износ од 59 милиони денари се веќе обезбедени и со ова зголемување досегашното зголемување од 2006 година изнесува 70 проценти.
„Зголемувањето кое што беше предвидено во износ од 5 проценти ќе ја чини Владата околу 59 милиони денари кои што се обезбедени за период од 12 месеци да се реализира ова зголемување“ - рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Спасов најави дека до крајот на месецов ќе биде исплатена и ветената постојана парична помош со зголемување од пет проценти средства во висина од 17 милиони денари, обезбедени од државниот буџет.
Спасов кажа дека Владата води сметка и за останатите ранливи категории на граѓани, а за пензионерите најави дека во декември со ноемвриската пензија ќе биде исплатено ветеното зголемување на пензиите за пет проценти.
