Состојбата во Чешиново и Облешево алармантна, водата забранета за пиење!
Министрите за труд и социјална политика Диме Спасов, за транспорт и врски Миле Јанакиевски и за здравство Никола Тодоров денеска ги посетија поплавените населени места во општината Чешиново-Облешево. На заедничкиот состанок во општината ja анализирале состојбата со последиците од поплавите и направените штети и биле превземени мерки за санирање на последиците.
- Состојбата во оваа општина е алармантна. Водата за пиење во сите населени места е загадена и не е за пиење. За таа цел договорено е во наредните часови вода на жителите да им биде донесена вода со цистерни од Кочани и Велес, а Заводот за јавно здравје секојдневно да ја испитува водата од бунарите и пумпите по селата од општината. На населеното место Облешево му претстои опасност од излевање на Кочанска река на влезот во селото, за што се агажирани две машини за чистење на каналите од страна на Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија. Јавното претпријатие за патишта ќе работи на оспособување на патен правец до отсеченото село Теранци, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.
На состанокот во општината, на кој присуствуваа и професори, доктори-епидемиолози и специјалисти по хигиена од Институтот за јавно здравје и Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството, како и шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје е констатирано дека досега нема пријави за заразни заболувања на ова подрачје, и оти Центарот за јавно здравје будно ја следи состојбата во однос на безбедноста на водата за пиење и евентуална појава на заразни заболувања.
Дадени се насоки на Центарот за јавно здравје од ова подрачје секојдневно да врши контрола на водата за пиење и да го информира населението за превентивните мерки со цел спречување појава на заразни болести, како што се: пиење флаширана вода или вода од обезбедени цистерни, превривање на водата за други потреби во домаќинството - миење, готвење, редовно одржување лична хигиена и миење раце...
Исто така, Центарот за јавно здравје е задолжен да спроведе комплетно чистење на ризичните поплавени подрачја и да изврши превентивна дезинфекција и дератизација.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов со претставници од општинскиот центар на Кочани го посетија населеното место Чифлик каде што поплавите предизвикаа големи штети.
- Посетивме неколку најзагрозени семејства и се интересиравме што им е најпотребно во овие моменти, истакна министерот Спасов.
