Соседна земја има 4000 муџахедини
Податоците на Државниот институт за статистика, ИНСТАТ во Албанија покажува дека 4.000 муџахедини од Иран се пристигнати во земјата.
Во рок две години дозвола за престој во Албанија добиле 4.158 лица од Иран. Од вкупниот број 4.000 се муџахедини, додека останатите се дипломати или баратели на азил кои одлучиле да останат во Албанија.
„Според договорот меѓу албанската Влада и САД се тврдеше дека бројот на муџахедини кои ќе пристигнат во Албанија ќе биде околу три илјади, но се гледа дека станува збор за поголем број. Министерството за внатрешни работи одби да даде податок за бројот на муџахедините кои се приситигнати во земјава, образоложувајќи го тоа дека станува збор за тајни податоци“- објави тиранската Репорт ТВ.
Според истиот извор четирите илјади муџахедини се сместени во камп во близина на градот, Драч и се затворена група, која ги негува традициите кои ги имале додека биле во Иран.
Првата група муџахедини, кои припаѓаат на организацијата Народни муџахедини на Иран (МЕК), во Албанија приситигна во средината на мај 2013 година, од бегалски кампови во Ирак.
Ова не беше прв случај Албанија да прифати американско барање за прием на лица порано сметани за терористи и на кои им се заканува прогон. Во 2006 година Албанија се согласи да прими петмина припадници на муслиманската заедница Ујгури од западна Кина, кои се заробени од американската армија и држени како осомничени исламисти во базата Гванатанамо, наведува телевизијата.
