Економија, финансии, бизнис

Контакт

Соработник или покајник – Дали Груби ќе биде катализатор на коруптивните случаи?

Соработник или покајник – Дали Груби ќе биде катализатор на коруптивните случаи?

Артан Груби мирно и пресметано се „пријави“ на границата со Македонија, на Блаце, добро „подготвен“ со шал и капа за спроведувањето и апсењето од полицијата. Со „шеретска“ насмевка го помина и остатокот од процедурите на истражните органи и органите на прогонот. Како нешто да знае што останатите не го знаат. Доцна попладнето беше изведен и пред судија на претходна постапка, кој го одобри куќниот притвор по барање на обвинителството, и по неколку часа поминати во лисици и зад решетки во истражниот затвор во Шуто Оризари, конечно се упати дома, завршувајќи го првиот дел од овој „крими-трилер“.

Соработник или покајник? Можеби овој избор делува бинарно, но измеѓу остава многу простор за политички махинации и шпекулации во јавноста. Додека власта лиферуваше дека се собрани „сите докази“ и дека „конечно правдата ќе биде задоволена“, многумина го вперија прстот во носителите на одлуки дека куќниот притвор е смешен за некој кој повеќе од една година бил во бегство. Но, ако се тргне погледот од бинарноста на изборот, може да се отцртаат контурите на процесот кој треба допрва да започне. Артан Груби на обвинителна клупа, но најверојатно со „поголемо друштво“.

Од миленик на странците до бегалец од правдата

Груби некогаш беше миленик на странските амбасади во Македонија, партиски пулен на Али Ахмети за кој најблиските соработници не можеа целосно да поверуваат и да прифатат колкава моќ му е доделена. Но, по „шамарот од реалноста“, откако Груби беше ставен на „црната листа“ на САД, како директна препорака на Амбасадата на САД предводена од Анџела Агелер, стана јасно дека неговото позадинско покритие е повлечено и дека може да се процесуираат сите сомнежи за висока корупција.

Груби најверојатно никогаш и нема да биде вистински покајаник, односно екс-висок владин и партиски функционер кој ќе биде осуден за сите дела за кои се сомничи во делот на корупцијата, но истовремено може да биде катализатор на повеќе правни предмети во кои би биле вклучени поранешни високи функционери на ДУИ и СДСМ кои ја водеа државата од 2017 до 2024 година.

Интегративците и натаму ја одржуваат праксата да го „бранат“ Артан Груби како „жртва на системот со политички монтиран случај“ и како некој што е „веќе осуден“, но токму овој нивен функционер беше и причината за расколот во ДУИ, создавањето на „Огнената група“ која потоа се приклучи на коалицијата ВРЕДИ и која по повеќе од 20 години му нанесе големи изборни порази на Ахмети.

СДСМ, исто така, нема кредибилитет да зборува за тоа дека „сè е договорено“, бидејќи во нивно време обвинетите и осомничени политичари само бегаа, а не се враќаа во Македонија.

Дали враќањето на Груби доаѓа во „поголемо пакување“?

Дека „нешто е договорено“ е најмалку тешко да се изусти во јавноста, поголемото прашање е „што е договорено“.

Актуелната власт покажа дека има соодветна поддршка и доверба, пред сè од стратешкиот партнер САД, и токму доброволното предавање, без дополнителен притисок преку границата, најверојатно никогаш немаше да се случи. Исто така, комоцијата на владините експоненти покажува дека имаат подготвено политичка муниција за справување со нападите од ДУИ и СДСМ, па дури и од неутралната јавност, која во моментов се соочува со гнев поради благата мерка за куќен притвор.

Сепак, несомнено е дека ова ќе биде случај од исклучително висок интерес. Тој нема да биде само правна разрешница за Артан Груби и останатите функционери, туку уште еден суров тест за македонското правосудство.

Процесот ќе ја разоткрие вистинската улога на политичкиот фактор – дали овојпат се работи за искрено задоволување на правдата или за уште една претстава за заштита на партиските и личните интереси. На македонските граѓани одамна им е доста од задкулисни пазарања за кои, на крајот, сметката секогаш ја плаќа правната држава.

Х.С.

Слично

Поврзани вести