Сопствениците на станови нема да бидат обврзани енергетски да ги подобруваат пред продажба
Во новиот Закон за градба со кој се предвидуваат и нови построги правила за енергетска ефикасност на објектите никаде не е наведено какви стандарди ќе треба да почитуваат веќе изградените објекти, појаснува во интервју за Фактор дипломираниот инженер-архитект д-р Петар Николовски. И покрај информациите кои беа објавени во јавноста, тој вели дека сопствениците на стари станови нема да имаат обврска да вложуваат за зголемување на енергетската ефикасност на објектот пред негова продажба, но сертификатот за енергетска категорија што ќе мора да го обезбедат ќе ја одреди вредноста на станот што го продаваат. Николовски верува дека енергетската ефикасност на објектите од проектот Скопје 2014-та е висока, „но многу посериозно е прашањето, каква е безбедноста на овие згради од аспект на можен пожар, бидејќи се работи за материјали неотпорни на оган, а вградени се без вообичаени превентивни мерки, пропишани со европските технички упатства“.
Фактор: Од 1–ви јануари стапуваат на сила нови правила во градежништвото што ќе ги засега и компаниите и граѓаните. Од следната година ќе биде невозможно да се изгради нов објект без да се обезбеди сертификат за енергетски карактеристики. За каков документ станува збор?
П.Николовски: Сертификат за енергетски карактеристики на зграда е документ којшто инвеститорот, односно изведувачот на објектот треба да го обезбеди пред издавање на одобрение за употреба. Но пред тоа, кон барањето за издавање на одобрение за градење на нова зграда или значителна реконструкција на постоечка, инвеститорот е должен, како составен дел на основниот проект, да приложи потврда дека минималните барања за енергетска ефикасност, кои се содржани во основниот проект, се во согласност со минималните барања за енергетска ефикасност утврдени во Правилникот за енергетски карактеристики на зградите. Според најновиот Предлог – Закон за измени на Законот за градење од 11 декември о.г., потврдата не се бара за градбите за индивидуално домување.
Фактор: Кој ќе ја издава потврдата за усогласеност со Правилникот како и сертификатот? На кој начин инвеститорите ќе можат да ги обезбедат овие два документа?
П.Николовски: Потврдата и сертификатот може да ги издаде само правно лице кое поседува лиценца за вршење на енергетска контрола. За да добие лиценца за енергетска контрола, правното лице мора да има вработени минимум двајца овластени енергетски контролори, кои посетувале обука кај правно лице со лиценца за спроведување на обука на енергетски контролори, добиена од Агенцијата за енергетика на РМ. По завршување на обуката и успешно положен испит, идниот контролор добива овластување и бива евидентиран во Агенцијата за енергетика. За добивање на споменатите документи, инвеститорот треба да се обрати до некое правно лице што поседува лиценца за енергетска контрола.
Фактор: Колку пари ќе чини една ваква потврда и сертификат, и за кое време може да се изработат, на пример, за една зграда?
П.Николовски: Во најновиот Закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика, по однос на надоместокот за издавање на потврдата за усогласеност, стои само дека Министерот ја пропишува максималната висина, врз основа на плоштината на корисната подна површина на зградите и категориите на зградите определени со Правилникот.
За изработка на сертификатот за енергетски карактеристики, Агенцијата за енергетика има пропишан Тарифник за максималната висина на надоместокот за вршење на два типа енергетски контроли:
- за општа енергетска контрола 30 денари за 1 m2 површина на зграда
- за детална енергетска контрола 50 денари за 1 m2 површина на зграда
Потребно време за изработка на двата документи зависи од повеќе фактори, како на пример, старост и намена на зградата, големината, застапеноста на разни конструктивни елементи во состав на обвивката, присуство или отсуство на системи за греење, ладење, вентилација, електрика итн. Значи, генерално не може да се даде точен одговор за потребното време, но во секој случај изработка на сертификатот бара многу повеќе време отколку изработка на потврдата за усогласеност.
Фактор: Без сертификат за енергетска ефикасност ниту граѓаните нема да можат да ги реконструираат своите станови, нема да можат да купуваат и продаваат станови без овој сертификат. Што ќе значи оваа нова обврска за нив?
П.Николовски: Во регулативата за енергетска ефикасност точно е дефинирано во кој случај и кои згради мора да имаат сертификат за енергетски карактеристики.
- Новоградбите, без оглед на сопственоста (приватна или општествена), по завршена градба не може да добијат употребна дозвола без обезбеден сертификат. Ова важеше до сега, но треба да се има предвид дека според најновиот Предлог – Закон за измени на Законот за градење од 11 декември о.г., потврдата не се бара за градбите за индивидуално домување со бруто развиена површина до 300 m2 и за нив не се врши технички преглед. Во случајов, изведувачот само е должен да даде изјава заверена кај нотар под полна материјална и кривична одговорност, со која ќе потврди дека објектот е изграден во согласност со одобрението за градење и основниот проект или проектот на изведена состојба.
- Постоечките згради кои се реконструираат и подлежат под т.н. “значителна реконструкција“ (вредноста на реконструкцијата е поголема од 25% од вредноста на зградата без вредност на теренот под неа или се реконструираат повеќе од 25% од површините на обвивката на зградата, а тоа се градежните конструкции кои се релевантни за топлински загуби) подлежат на барањата за сертификат.
- Постоечките згради во државна сопственост задолжително треба да поседуваат сертификат. Сите останати постоечки згради треба да имаат сертификат само ако се предмет на купопродажба (цела зграда или дел од неа) или се изнајмуваат под кирија.
Покрај другите податоци во сертификатот кој содржи повеќе страници, основен податок за зградата е колкава енергија годишно е потребна за греење (во грејната сезона), изразена во kWh/m2 корисна подна површина.
Фактор: Колку овластени енергетски контролори и лиценцирани правни лица имаме во моментов, кои се надлежни да издаваат ваков сертификат?
П.Николовски: На обуките одржани од 5-те лиценцирани обучувачи (4 во Скопје и 1 во Битола) беа пријавени нешто повеќе од 300 кандидати, од кои до сега околу 180, по завршена обука и положен испит, се здобија со овластување. Бројот на лиценцирани правни лица за енергетска контрола во моментот е околу 30.
Фактор: Каква е состојбата со енергетската ефикасност на постоечките објекти, дали има анализа колку од станбените згради ги исполнуваат условите?
П.Николовски: Никаде во Законот не е кажано кои услови треба да ги исполнат постоечките станбени згради. Класата на една зграда според Правилникот за енергетски карактеристики (класа A+, A, B, C, D, E, F и G) говори само за квалитетот на зградата или нејзини делови во поглед на заштеда на енергија, факт којшто би требало значително да влијае при одредување вредноста на недвижноста. Инаку класа A+ е највисока (помалку од 15 kWh/m2) а G (повеќе од 250 kWh/m2). Значи, нема никаква обврска сопственик на постоечка зграда со, на пример класа G, којшто има намера да ја продаде, пред продажбата енергетски да ја подобри. Задолжителниот сертификат на купувачот само ќе му даде информација колку годишно ќе мора да плаќа за греење.
Фактор: Каква е состојбата со државните објекти, односно оние во јавниот сектор?
П.Николовски: За жал, точни податоци не постојат. Според периодот во кој се градени, имаме одредени процени за нивните енергетски карактеристики, врз база на употребените технологии, материјали и конструктивни системи од тоа време, а пред сè дали тогаш постоела законска обврска за употреба на изолациски материјали (период кога бевме во состав на поранешна Југославија) или обврската отсуствувала (период по осамостојувањето на Република Македонија). Процените и грубите градежно-физички пресметки покажуваат голема разлика во енергетските потреби за греење од објект до објект, најчесто од 180 до 250 kWh/m2, но има случаи со повеќе од 400 kWh/m2. Кај одредени станбени згради има и светли примери каде потрошувачката на енергија за греење е под 100 kWh/m2.
Фактор: Дали сите нови згради од Проектот Скопје 2014 ги исполнуваат условите за енергетска ефикасност?
П.Николовски: Не ми се познати енергетските карактеристики на овие згради, но претпоставувам, и покрај тоа што во најголем број проектите се работени пред стапување на сила на Правилникот за енергетски карактеристики на згради, дека е водена сметка од овој аспект. Во секој случај, многуте декоративни елементи на фасадите, изработени од лесни материјали (стиропор, полиуретан) придонесуваат за некакво подобрување на изолациските ефекти. Но, многу посериозно е прашањето, каква е безбедноста на овие згради од аспект на можен пожар, бидејќи се работи за материјали неотпорни на оган, а вградени се без вообичаени превентивни мерки, пропишани со европските технички упатства.
Фактор: Какви се обврските на Македонија со преземените европски стандарди, кога зборуваме за енергетска ефикасност?
П.Николовски: Во рамките на Институтот за стандардизација на РМ, како македонски се усвоени сите европски стандарди од оваа област. Како основа за барањата во нашиот Правилник за енергетски карактеристики на згради вклучени се токму овие стандарди. Но, стандардите пропишуваат само одредени пресметковни процедури и не навлегуваат во дефинирање на националните критериуми за енергетска ефикасност. Оваа материја ја регулираат посебни документи, европски директиви, со строги критериуми, кои од година во година сè повеќе се заоструваат. На пример, во европската Директива 2010/31 за енергетски перформанси на згради, меѓу другото, обврска на земјите членки на ЕУ е по 31 декември 2018 год. сите згради изнајмени од / или во сопственост на јавните институции, мора да бидат со енергетски потреби блиски до нула, а од 31 декември 2020 година сите нови згради треба да се градат според критериумот за енергетски потреби блиски до нула. Македонија е многу, многу далеку од можноста за исполнување на вакви критериуми.
Д.А.
