Сопственикот на Никоб, Лазаров реизбран за претседател на Македонско-бугарската стопанска комора
Кирил Лазаров, сопственик на „Никоб“ со акламација е избран за претседател на Македонско - бугарската стопанска комора во нов двегодишен мандат. На годишното собрание кое се одржа во средата Лазаров истакна дека во следниот период важно е да се интензивира економската соработка меѓу Македонија и Бугарија, да се даде приоритет на почетокот на реализација на неколку круцијални и капитални проекти во делот на енергетиката, во патната и железничката инфраструктура како и реализација на проектот за гасификација преку интерконектор од Петрич до Струмица.
На собранието присуствувале членови на комората и видни претставници од бизнис и дипломатската фела во земјата. Членовите на Управниот одбор му дале целосен мандат и поддршка на Претседателот на комората во остварување на директни билатерални и мултилатерални средби со високи политички претставници од двете земји кои се од суштинско значење за овозможување услови за почеток со реализација на зацртаните проекти.
„Особено значајно е во овој период да се насочи целокупната енергија и активностите во остварување на зацртаните цели, а како врвен приоритет е почетокот со реализација на крупните проекти и инвестиции во двете земји што е клучно за економскиот развој на овој регион. Охрабрува фактот дека и во услови на глобална пандемија предизивикана од Ковид 19, имаме само мал пад на трговската размена помеѓу двете земји што преставува реален индикатор и поттик за бизнис заедниците во двете земји, економските прашања да бидат во фокусот на интерес во претстојниот период кој е особено сензитивен и важен за двете земји, рече Кирил Лазаров и притоа искажа особена благодарност до присутните за укажаната чест и доверба да ја води Комората и во наредните две години.

Како дел од редовните активности во рамки на редовното годишно изборно Собрание, беа нотирани економските приоритети и проекти за наредниот период, а кои се дел од Програмата за работа на Комората за период од една година, беа разгледани досегашните реализирани активности на Македонско - бугарската комора, а воедно беа избрани и нови членови на Управниот и Надзорниот одбор на МБСК.
