Сопственици на имот кај новиот автопат Кичево-Охрид не се согласуваат со експропријација
Сопственици на земјиштето каде што треба да поминува новиот автопат Кичево-Охрид не се согласуваат со експропријација на нивниот имот, затоа што сметаат дека надоместот што им се нуди е мал.
Вчера тие протестираа пред општина Кичево, незадоволни што им се одземаат ниви и пасишта кои со генерации биле во нивните семејства.
„Нивното насилничко и понижувачко однесување претставува окупација а не експропријација. Нивите од кои живееме ни се плаќаат по 20 денари за метар квадратен, нашите приватни шуми ни ги одземаат, а други површини од имотите насилно ни ги узурпираат без постапка и надомест“, соопшти Организациониот одбор на протестот.
Сопствениците нагласуваат дека целата постапка се спроведува незаконски и без нивна согласност, а проценката на имотите е направена без да се изврши фактички увид на терен.
„Класите на нивите се потценети, решенијата се нејасни и спротивни на законот. Не се знае дали ни се одзема само земјата или заедно со шумата. Без рок да ја исечеме шумата, иако имавме право на жалба за еден ден по итна постапка ја исекоа шумата, а веќе наредниот ден булдожерите направија пустош, уриваа и затрупуваа. Сега кога се е урнато и затрупано како да докажеме дека тука сме имале родни дрвја, шума или некој друг имот. Но најмногу што не понижи и изреволтира е фактот што за еден метар квадратен ни е понудено по 20 денари или за еден леб од 600 грама даваме нива од еден метар квадратен. Прашуваме колку квадрати од нивата ќе отидат за едно петочлено семејство? За месечна плата на еден министер треба да дадеме повеќе од 3000 метри квадратни нива“, велат од Организациониот одбор, во обид да ја докажат апсурдноста на овој потег.
Доколку Владата во рок од седум дена позитивно не одговори на нивните барања, сопствениците на имоти најавуваат дека ќе ги блокираат локалните и магистралните патишта, а имотите ќе си ги бранат со сила. Своите поплаки најавија дека ќе ги достават и до амбасадите на САД, Кина, ЕУ и ОБСЕ во Скопје.
Автопатот „Мајка Тереза“ од Кичево до Охрид почна да се гради во мај. Овој автопат според најавите треба да биде сo должина од 57 километри, ширина од 25,5 метри, со две автопатски ленти, дополнителна линија за запирање и зелен појас.
Вкупната вредност на инвестицијата во согласност со договорите изнесува 372 милиони евра, а автопаските делници ги гради кинеската компанија „Сајнохидро корпореишн лимитед“ во соработка со македонските компании „Гранит“ и „Трансмет“.
Проектот предвидува изградба на 7 мостови 22 вијадукти, 6 натпатници, 13 потпатници и еден тунел кај Пресека со должина од околу 2 км.
Слично
