СОПРУГОТ НА ПОЧИНАТАТА РОДИЛКА: На пијаните доктори да им се суди за убиство
Сопругот на родилката што почина во гевгелиската болница заедно со нејзиното новороденче, бара на виновниците да им се суди за убиство.
Обвинителството денеска даде налог за вештачење со кој ќе треба да се утврди конкретната одговорност за смртта на родилката и бебето за време на царскиот рез во гевгелиската болница.
„За мене ова е убиство, а дали така ќе биде, нека одлучи Обвинителството. Мојата жена беше здрава и права кога отиде во болница. И тоа на преглед, не на породување, оти терминот беше подоцна, за некој ден. Дента отидовме на ЦТГ преглед, таа немаше породилни болки. Моето новородено бебе беше живо и здраво, иако ми кажуваат дека било мртвородено. Мора да се утврди за сите кои се виновни, и тие што најмалку имаат вина и тие се виновни и да бидат казнети, за поука за другите, што прават со среќата на луѓето"- рече Кадиев.
До сега, анализите на крвта покажаа дека двајцата анестеолози биле пијани за време на операцијата. Кај едниот биле најдени 1,23 промили алкохол, а кај другиот 1,75 промили алкохол во крвта.
Во меѓувреме двајцата анестезиолози добија отказ од работа, но Лекарската комора не им ги одзема лиценците за работа.
