Сопругот беше возач на камион - сè уште имаме кошмари од деновите кога беше на пат
Бадник 2025 година, додека јас ја подготвував семејната трпеза и сопругот се подготвуваше - за пат во Европа. Наместо вечер помината во пријатна празнична атмосфера, со измешани емоции ги дочекавме празниците.
Дечињата беа збунети затоа што за првпат го дочекаа Божиќ без тато. Не е исто без него - да нема со кого лепчето да го скршиш.
Нова година - додека голем број од нас слават со пријателите, со блиските, со семејството, еден камионџија остана сам на паркинг во Германија. Наместо да слави дома, вечерта ја помина на телефон гледајќи го ликот на сопругата и дечињата, додека копнее да биде со нив.
Велигден - местото на таткото кој работи како превозник е празно. Наместо да ја помине вечерта во топла постела, спие на паркинг во камион, или на седиште во комби - надевајќи се дека нема да дојде некој да го избрка.
Мојот сопруг пред неколку месеци се откажа од оваа работа, затоа што едноставно не можеше да го издржи притисокот да биде далеку од децата, но голем број превозници и камионџии и ден-денес работат и така обезбедуваат основна егзистенција за семејството.
Но, капа им симнуваме како на превозниците, така и на нивните семејства како издржуваат.
Секое излегување од дома е нова неизвесност - притисок да се стигне на термин за утовар, притисок да се стигне на термин за растовар, чекање долги редици на граница, возење со полузатворени очи, обид да се разбереш со странски цариници и други работници, кои можеби знаат да зборуваат англиски, но одбиваат. Или пак со такви кои не знаат.
Молитва сè да биде во најдобар ред попат, да не се влошат временските услови, да не се расипе некаде возилото, да не се случи нешто најлошо.
Дополнително, ова е уште полошо за оние превозници кои возат комби (без тахограф и со категорија Б), затоа што тие не се обврзани да прават паузи, па понекогаш во брзањето да се фатат роковите возачите возат и по 20 часа без престан.
Возење во полусон со големи брзини е рецепт за катастрофа. Во такви услови не треба да прашаме „Дали нешто лошо може да се случи?“, туку „Кога?“
Поминаа неколку месеци од тој период во нашите животи, но често се случува да речеме: „Никогаш да не се повтори!“
Не постојат пари во светот што може да го надоместат празното столче на трпезата, на училиштните приредби на децата, или на семејните прослави. Деновите поминати заедно се кратки, а секое излегување на пат е нова неизвесност.
Но, некој мора и тоа да го работи, нели!? Некој мора да ги превезува стоките и добрата од нашата земја кон Европа, и обратно од Европа до дома. А стигањето дома е приказна за себе - чекање на граница, спиење на царински терминал, растовар, па само што си легнал да отспиеш - телефонот ѕвони и стига нова тура.
Кога ќе се каже дека некој работи како превозник, обично мислиме дека пари им растат на дрво, но ретко кој ја гледа суровата вистина колку многу жртвуваат тие луѓе и нивните семејства за тие пари.
Ретко кој размислува дека тие луѓе ги оставаат семејствата и целиот живот го живеат во кабината на камионот, која полека станува мала кујна, спална, канцеларија за работа и единствениот животен простор каде поминуваат цели недели.
Ретко кој помислува на нивните сопруги, кои минуваат бессони ноќи молејќи се да им се врати партнерот, жив и здрав. Ретко кој помислува на нивните дечиња на кои им недостига тато и на кои не им значат ништо парите, туку само сакаат со него да поминат еден ден.
Никој не помислува како е да чуваш кнедла во грлото и да црташ насмевка на лицето за да не го растажиш партнерот додека вози, а во себе да се „јадеш“ затоа што си сама.
И не, не се менуваат работите кога ќе ги видиш парите на сметката, не ти паѓа камен од гради - затоа што знаеш дека тие пари дошле со огромна жртва.
РЖМ / Б. С. Б.Фото: Freepik
