Сопругата на Стојанче Ангелов казнета поради фејсбук статус
Јасминка Ангелова ќе треба да плати казна од 600 евра за напишан статус на нејзиниот фејбук профил.
Сопругата на Стојанче Ангелов е казнета со парична казна поради статусот, во кој судот го нарекла пристрасен, а полицаецот што го тужи го нарекува „кукавица”, откако тој не се појавил на судското рочиште.
„Наместо да го казни полицаецот што кукавички ја удри, судот и изрече казна од 600 евра на мојата сопруга за напишан фејсбук статус. - вели лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов.
Фејсбук статусот бил пренесен од интернет портал, по што судијата Драган Николовски ја казнил Ангелова со образложение дека таа во колумна објавена на порталот го навредува судот и полицаецот.
Од друга страна, Ангелова тврди дека воопшто не напишала колумна туку само бил пренесен статус од нејзин приватен фејсбук профил и тоа без нејзино знаење.
Инаку, на протестите на опозицијата пред обвинителството во мај, Јасминка Ангелова била удрена од полицаецот Здравко Анчевски, по што таа поднела приватна кривична тужба против него.
