Сопругата на рударскиот бос Тоневски стана директорка на Агенцијата за пошти
Сопругата на Тони Тоневски, кој лани во октомври стана директор на рудникот „Булмак 2016“, е назначена за нов раководител на Агенцијата за пошти, тело кое го регулира работењето на АД Пошта, како и на другите поштенски оператори во земјата.
Марина Тоневска од Пробиштип од крајот на минатата недела е назначена за директорка на ова регулаторно тело на местото на Сретен Миладиноски, кадар на претходната власт.
Сопругот Тонески е поранешниот градоначалник на Пробиштип во два врзани мандати, а во моментов повторно е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на истата општина на следните локални избори.
Во меѓувреме стана и раководител на рудникот за олово и цинк од Пробиштип и Крива Паланка, кој ги има рудниците Злетово и Тораница, а е под концесија доделена на бугарскиот Минстрој Холдинг.
Тоневски е претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Пробиштип, а едно време беше и технички директор во Јавното претпријатие за извршување на водостопански дејности Хидросистем „Злетовица“ - Пробиштип. Од 2008 до 2009 е директор на Управата за водостопанство во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Рудникот раководен од Тоневски изминатата пролет се најде во центарот на вниманието на еколошката јавност по хаваријата во рудникот „Тораница“, од каде се излеа технолошка вода во Крива Река. При тоа тој и рудникот тврдеа дека во реката не е излеан цијанид и други тешки метали.
Претходно, професорот Миладиноски на почетокот на минатата година беше избран за директор на Агенцијата за пошти како кадар на ЛДП и поранешен мнозински сопственик на кичевската мелничко пекарска индустрија „Жито Караорман“
А.К.
