Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сообраќајни несреќи, ноќни трки, данок во крв на патиштата-До кога?

Сообраќајни несреќи, ноќни трки, данок во крв на патиштата-До кога?

Наместо да се намалува, бројот на изгубени животи на македонските патишта расте. Кампањите на надлежните и фрлените илјадници евра за нив, не го постигнуваат посакуваниот ефект.

Трендот на трки и со автомобили и со мотори во главниот град никако да запре. Најизразени се во доцните ноќни часови а моторџиите се најгласни и најбесни.  Каде е полицијата? Кој треба да ги контролира лудите ноќни возења, и да патролира на најкритичните точки каде се случуваат најмногу незгоди?

Летните месеци се периодот од годината кога патиштата дефинитивно го земаат данокот со најмногу жртви, а главната причина е брзото возење. Возачите никако да се свестат дека нивното несовесно однесување на патиштата е загрижувачко, па со притискањето на педалата за гас и претекнувањето на полни ленти, тие најпрво си го ризикуваат сопствениот живот, а потоа и на сите останати учесници во сообраќајот.

Токму ваков случај, со претекнување на полна лента и вртење полукружно изминативе денови однесе човечки животи во главниот град. Млад мотоциклист беше прегазен во Скопје на булеварот Борис Трајковски во населбата Кисела Вода кога во него удри автомобил, марка „бмв“. По неколку дена во кома, мотоциклистот им подлегна на повредите. Ова не е прв и единствен случај.

Дополнителен проблем е и големиот број на возила кои транзитираат низ нашата земја во летните месеци. Голем дел од нив, најчесто српски туристи не ги  почитуваат сообраќајните знаци и ја пречекоруваат пропишаната брзина, па за жал минатата година на нашите патишта имаше и жртви од соседните земји. Последниот таков случај се одвиваше на магистралниот пат Демир Капија -Удово каде загинаа сопружници од Скопје.

И тој случај, како и многу други претходно, ќе се памети се до доаѓањето на новиот ден. Така е секогаш, на проблемите кои Скопје и Македонија очигледно ги имаат, ни текнува кога падне мртва глава. Од несреќа до несреќа. Оние во кои нема смртно загинати, медиумите не ги следат многу. Многу се, секојдневно... Грозни бројки...

Статистиката црна и немилосрдна-10 пати повеќе незгоди од лани

Само во првите седум месеци од годинава на македонските патишта животот го оставија 85 лица а се регистрирани 1810 тешки сообраќајни незгоди. Имајќи го предвид фактот дека изминатите неколку деноноќиа во сообраќајки загинаа пет лица, бројките се зголемени. За град како Скопје, бројките се навистина алармантни. Не се менува ништо, броиме и забораваме.

Бројот на жртви во првата половина од годинава е за 10 проценти поголем и од лани, кога во истиот период на македонските патишта загинаа 63 жртви.

Најкобна и за домашните и за странските државјани е делницата Удово-Демир Капија. По овој пат дневни транзитираат голем број туристи кои патуваат најчесто на море кон Грција, а зачестени се незгодите во кои виновници се српските државјани кои тргнуваат на пат изморени и ненаспиени во ноќните часови, па кога при изгревањето на сонцето треба најмногу да се внимава се случуваат најстрашните незгоди.

Статистиката на МВР од последниве 4 години, вели дека на годишно ниво најголем број тешки сообраќајни несреќи се случиле во 2013-та со вкупно 198 загинати лица.

2014-та пак се смета за година со историски најмал број згинати и повредени лица во сообраќајќи, кога на македонските патишта имало 130 жртви.

Во текот на 2015 година, на територијата на Република Македонија, случени се вкупно 3.854 сообраќајни незгоди со потешки последици. Најголем број од сообраќајните незгоди се случени на подрачјето на Скопје, односно 1.676 незгоди, а најмалку на подрачјето на СВР Струмица, 248 незгоди. Изминатата година, во сообраќајни незгоди, загинале 148 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 839, додека 5.074 лица, се здобиле со лесни телесни повреди. Анализата покажува дека во 2015 година најлош бил периодот од јуни до септември кога за 4 месеци,  74 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди.

Надлежните со кампања ќе решат се?

Бројни се кампањите кои РСБПС ги реализира, но колку тие всушност вродуваат со плод? Се фрлаат пари а резултатот полош?

Во тек е кампањата насловена „Стоп за насилната смрт на патиштата“ со цел да се зголеми безбедноста и да се намали бројот на жртви.

Кампањата ја има за цел потребата за подигнување на јавната свест, укажување на значителната бројка на жртви и повредени во сообраќајни незгоди, како и потребата од превенирање и укажување на последиците од несaкани незгоди во сообраќајот.

Поентата е да се даде на значење и поголема свесност кај факторот човек дека почитувањето на правилата покрај тоа што секогаш е добро, рационално и исправно пред се и во оваа смисла претставува заштита за самиот човек, за неговото здравје и за неговата безбедност. Со почитувањето на правилата се почитува и животот.

Загубата на човечки живот во сообраќајна несреќа преставува ненадоместлива загуба, загуба за семејството и за нивните блиски, загуба за општеството, но и сериозна загуба за државата од општествен, економски и социјален аспект, при што економските аспекти достигнуваат и до 2% од националните буџети.

Податоците покажуваат дека во светски рамки бројот на жртви изнесува околу еден милион и триста илјади жртви годишно, или како секој ден да паѓаат по десет авиони Џамбо џет со триста патници.

За жал податоците покажуваат дека на патиштата во Република Македонија секој втор ден згаснува по еден живот.

Водејки се од оваа црна статистика,  РСБСП повикува на трезвеност, одговорност, свесност и совесност  затоа што сообраќајот не е игра, затоа што  последиците од сообраќајот односно сообраќајните незгоди се трагични судбини, зацрнети семејства,  загубени животи, телесни инвалиди, психолошки трауми а секако и огромни економски загуби. Да не дозволиме да се повтори црната статистика од  летото од минатата година. Одговорноста е заедничка, но пред се индивидуална на секој учесник во сообраќајот, велат од РСБСП.

Полиција многу ретко патролира на критични точки

Токму за ова граѓаните секојдневно се обраќаат во сите медиуми.

Факт е дека возачите и учесниците се тие кои треба најмногу да внимаваат на однесувањето и безбедноста во сообраќајот, но тој сообраќај треба да биде регулиран, дали поригорозно или со драстични мерки.

Прашањето е:  Каде се надлежните да го регулираат сообракајот, каде е полицијата на терен секој ден, да ги контролира возачите? А најмногу лудите ноќни трки кои се случуваат и на Партизанска и во Аеродром? Да патролираат на критичните точки ширум земјава?

Имаше ветувања дека поголем акцент ќе се стави на превенцијата. Но, освен едукација ќе има и казни. Полицијата ќе ги засили контролите...Останаа само празни зборови?

Полицијата не постои само да пишува казни и да доаѓа на местото на несреќата откако ќе се случи лошото и кога ќе биде празна државната каса, полицијата треба да биде нон стоп на улиците... Барем бројот на вработени сообраќајци може да го дозволи тоа во периоди кога има најмногу потреба.

Oд МВР по ова прашање не добивме никаков одговор. Не одговорија на нашите прашања дали ќе преземат конкретни дејства за намалување на жртвите во сообраќајот, а молк и од Ребубличкиот совет за безбедност на патиштата.

Потребни се промени ...Закон кој ќе ги штити граѓаните во вистинска смисла на зборот ...Потребна е навистина поголема свест

Повеќе од очигледно е дека нешто во земјава не штима. Работите се излезени од границата на нормала.

Треба ли како граѓани да наведнеме  глава од срам, поради апатијата и незинтерсираноста да работиме пред се на својата свест, да работиме за нашава мала државичка да стане нормално место за живот под ова сонце...

Промените мора да почнат од некаде, а кој ако самиот граѓанин не се избори за Закон кој го штити во вистинска смисла на зборот.

Сепак, дали ќе промениме нешто зависи од секое едно човечко битие , од секој еден од нас, од нашите пријатели, блиски, возачи, велосипедисти, моторциклисти, пешаци ..

Зарем човечкиот живот не вреди? Зарем не е време да го ставиме прстот на чело и да се запрашаме: До кога вака?

Ирена Ставрова

Слично

Поврзани вести