СОНК: Состојбата на тројцата професори кои штрајкуваат со глад е крајно загрижувачка!
Здравствената состојба на тројцата универзитетски професори од Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип, кои веќе 14 дена се во штрајк со глад, е крајно загрижувачка, информира Претседателството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и уште еднаш бара надлежните веднаш да ги отстранат причините за оваа состојба, согласно закон и Решението на Државната просветна инспекција.
Синдикатот смета дека рокот за спроведување на Решението, во овој случај не може да биде оправдување за одолговлекување со постапката.
„Претседателството на СОНК ќе прифати и цврсто ќе застане во правна постапка на тројцата професори, да се утврди конкретниот виновник за овој случај и врз основа на тоа да се бара соодветен надомест за последиците по нивното здравје од долготрајниот штрајк со глад. Претседателството на СОНК се надева и се моли да се сочува здравјето на тројцата професори, но доколку се случи ... тоа ќе го сметаме за смислено... и ќе бараме најстрога казна според законите на оваа држава за такво дело.
П.С. Со три точки ги одбегнуваме зборовите кои сигурно ќе внесат немир кај многумина, но сепак сметаме дека на тие што се искрено загрижени за овој случај им е јасно за кои зборови станува збор“, стои во соопштението на СОНК.
Вечерва Претседателството на СОНК се сели во просториите на Регионалната канцеларија во Штип, каде што штрајкуваат тројцата професори незадоволни затоа што и покрај сите препораки не им се дозволува напредување во кариерата. Во 20 часот раководството на СОНК ќе одржи вонредна седница во Штип, на која ќе ги разгледа следните чекори кои треба да го зголемат притисокот врз надлежните институции за спроведување на законот и на Решението на Државната просветна инспекција за овој случај.
Слично
