СОНК излегува на протести, се жалат дека притисоците не престануваат
Полицајци во Кавадарци утрово ги легитимирале и ги запишувале сите лица кои се качувале во автобусот со кој требало да стигнат во Скопје, на протестот организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), потврди за Фактор почесниот претседател на овој синдикат Дојчин Цветановски.
Раководството на Синдикатот смета дека ова е уште еден доказ за огромните притисоци со кои се соочува нивното членство за да не излезе на денешниот протест.
Притисоците особено се засилиле вчера во попладневните и вечерните часови, кога од раководството добиле информација дека поголем дел од закажаните автобуси се откажуваат затоа што фирмите добиле наредба да не ги превезуваат просветарите на протест.
„Вчера сите закупени автобуси беа откажани од фирмите од кои СОНК ги набави услугите. Објаснувањето кое ни го даваа фирмите беше „мораме, така ни наредија“. Зборуваме за приватни фирми, приватни превозници кои, замислете, можат да бидат предмет на притисок и да не ни изнајмуваат автобуси и комбиња“, вели за Нова ТВ претседателот на Синдикатот Јаким Неделков.
Со притисок се соочувале и членовите на СОНК да не излегуваат на протест. Од образовниот синдикат велат дека сите случаи на притисоци ги евидентираат и оти ќе реагираат на нив.
СОНК денеска излегува на протест со барање за подобрување на состојбите во образованието. Просветарите протестираат против ниските плати во образованието, нерешените колективни договори за да се отстранат незаконските разлики во висината на платите за исто работно место и протестираат против екстерното тестирање и политизацијата во образованието.
Протестот симблично треба да започне во 5 до 12, а во Скопје треба да пристигнат претставници на регионалните канцеларии на СОНК од цела Македонија. На штрајкот се очекува да се приклучат и тројцата професори од Економскиот факултет во Штип кои штрајкуваат со глад.
Доколку не се исполнат барањата по овој протест, СОНК ја најави можноста да организира и генерален штрајк во образованието кој се заканува да го одложи стартот на учебната година.
Слично
