СОНК: Денешниот протест беше успешен!
Денешниот протест во Скопје, со кој се изрази незадоволство од состојбите во образованието, беше успешен и значаен, оцени Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Од Синдикатот, повикувајќи се на проценките на независни набљудувачи, тврдат дека на протестот имало околу 1.500 учесници.
„Констатацијата за успешноста на протестот се темели врз основа на фактот што и покрај колективниот годишен одмор на поголемиот број на членството и особено огромните притисоци извршени од страна на директори, градоначалници и партиски моќници, а како резултат на тоа беа откажани над 50 договорени автобуси, со претходен пријавен број на учесници, реално е да се оцени како успех на СОНК. После подолго време се одржа масовен синдикален протест, за барања кои се исклучително од социјалната сфера и без ниту еден случај кој би им дал било каква можност на манипулантите, со ниту половина аргумент за политичка заднина“, стои во соопштението на СОНК.
Од таму очекуваат од надлежните органи со сериозност да ги разгледаат сите барања на Синдикатот изнесени денеска. Доколку тоа не е случај, синдикатот претходно се закани и со можноста да организира генерален штрајк во образованието на 1 септември што ќе го одложи почетокот на учебната година.
По протестната прошетка, синдикалците денеска 10-тина минути се задржаа со свирежи и извици пред Министерството за образование и наука, по што се разотидоа. По протестот, СОНК и тројцата професори од Економскиот факултет во Штип се договорија да го стават во мирување штрајкот со глад за да покажат добра волја и да ги демантираат сите шпекулации за политичка позадина на протестот.
Слично
