СОНЦЕ И МОРСКА ВОДА ПРОТИВ КОВИД 19, словенечкиот премиер со својот совет ја бранува јавноста, го демантира неговиот тим
Необичната, за многумина дури и шокантна изјава за солената вода и сончањето како „природни лекови“ против Ковид-19 доби безброј коментари деновиве во Словенија, по што тамошната Влада мораше да се разјаснува, бидејќи дојде од устата на премиерот Роберт Голоб.
- Имаме два природни лекови против Ковид-19: сонцето и солената морска вода. Одлично е што во сегашниот бран на епидемијата, вирусот има послаби варијанти, бидејќи сега сите можеме да одиме на море и таму да се излечиме. Не се шегувам, ова е чистата вистина - изјави Голоб во интервју за ПОП-ТВ.
Владата веднаш реагираше на својот Твитер профил со објаснување дека Голоб не мислел буквално, пишува „Мондо.рс“.
- Премиерот само сакаше да укаже дека природно можеме да го зголемиме нивото на витамин Д, кој го подобрува имунитетот. Дополнително, познати се позитивните ефекти на морската вода врз здравјето и расположението на луѓето - објаснуваат од кабинетот на Голоб.
Коментарите на социјалните мрежи се различни, од исмејувачките, бидејќи за дел од граѓаните зборовите на премиерот потсетија на некои лесно дадени изјави на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за време на епидемијата на Ковид-19. Други граѓани пак го предупредуваа премиерот да се држи до својата професија и препушти епидемијата на експертите.
Инфектологот Бојана Беовиќ, која ја предводеше експертската група за Ковид-19 за време на претходната влада во Словенија, рече дека новиот премиер веројатно сакал да биде оптимист и да ги смири луѓето пред есен, но во јавноста таа изјава е извадена од контекст, па беше сфатено како непромислена шега или доби злонамерни коментари.
Во прилог на добрите намери на Голоб, медиумите наведуваат истражување според кое на Словенците во просек хронично им недостига витамин Д во текот на зимата, бидејќи неговото ниво се намалува и до 70 отсто во однос на летото. Но, ги пренесуваат и изјавите на медицинските стручњаци кои сметаат дека прекумерното сончање може повеќе да му наштети на човечкото тело отколку да го зајакне имунитетот, додека тезата за природно лекување со морска вода и сончање ја сметаат за целосно ненаучна.
