Економија, финансии, бизнис

Контакт

Солзите на девојчето не допреа до нас!

Солзите на девојчето не допреа до нас!
Сите ние треба да бидеме пример за своите деца. Само така ќе спознаеме дека сме си ја исполниле својата обврска од нив да создавадеме здрави личности. Но, дали во едно вакво општетсво тоа е возможно? Во Гевгелија умреа мајка и неродено дете. Умреа, а не беа болни. Умреа, а требаше да се радуваат на убавината на животот. Умреа заради лекарска грешка. Анестезиологот во болницата каде се случи овој чин, бил пијан. Ова беше страшно. Слушнав и други мајки од Гевгелија се пожалија дека на пораѓање заминувале додека низ ноздрите го чувствувале пијаниот здив на анестезиологот.Станевме општество со дисторзирани морални нормативи. Не, не не допира ни фактот дека едно дете остана сирак без мајка, иако мајката била здрава, полна со љубов и желна да го рашири своето семејство. Пијани лекари убија мајка и неродено бебе. Пијани лекари ја сменија судбината на едно семејство. Пијани лекари оставија едно девојче сирак, без мајчинска топла прегратка, и утешителен збор кога ќе му биде тешко. Пијани лекари одлучија едно петгодишно девојче да биде тажно, да си ја бара мајка си која нема да се врати. Пијани лекари одлучија ова девојче да биде без мајчината рака кога ќе тргне на училиште, без мајчината љубов кога ќе падне или кога ќе биде болно. Пијани лекари одлучија ова девојче да не може да ја сподели со мајка си првата симпатија, првата љубов, тага или среќа. Пијани лекари без срам претходно, на работа доаѓаа такви. Пијани лекари не покажаа ни грам човечност, ни ронка каење и одговорност за она што го сториле. А сите ние сме пијани, зошто не побаравме ова дно да биде крај. Ова е сеуште страшно. Болно и тажно беше да се слуша тагата на разочараниот татко. Тагата која не ја препознаа другите татковци и мајки, та да застанат до него и да му дадат поддршка, затоа што и нив, не дај господе, може да им се случи вакво нешто. Уште потажно е да ја слушате лекарската комора која денес одлучи да не им ја одземе лиценцата за работа. Почитувани лекари, за ова ли се борите? Ова ли е целта на вашата професија? Убиство наместо спасување животи? Не, простете, но ова веќе не е за прифаќање. Зарем овие 2 живота се малку? Уште колку треба да умрат? Уште колку души треба да си заминат од овој свет, за вие конечно да ја сфатите сериозноста на предизвиканата штета? Зарем овие два живтоти се помалку вредни од вашите алхохолизирани колеги? Вака ли ја браните заклетвата која ја давате? Дали и вие на работа доаѓате пијани? Медицината како една од најзначајните општествени дејности е условена од меѓусебната доверба помеѓу лекарите и довербата меѓу нив и пациентите. Убаво е што како колеги толерирате пијанство, па дури и убиство, но дали толкава ноншалатна толератност ќе покажевте ако ова се случеше во вашето семејство? Ако овие пијаници ја понесоа во смрт вашата сопруга и неродено бебе? Ако одговорот на ова прашање, само и на помисла, предизвика други емоции во вас, знаете дека оваа грешка не треба да биде простена и разбрана. За неа, не требаше ни да ве освестуваме. Тажно е што многу мајки стравувале, додека го чекале своето пораѓање во Гевгелија. Сите знаеле дека лекарите се пијани. И нивните колеги и пациенти. Никој не се охрабрил да смени нешто, пред да се случи трагедија. Па дури и се потпишувале согласности, а потоа се молеле само Господ да ги чува. Не, не се пијани само лекарите. Пијан е овој систем во кој ова однесување во здраството се толерира вака недоговорно. Писмо од читател на Фактор
Слично

Поврзани вести