Економија, финансии, бизнис

Контакт

Солза Грчева: Предлог Законот за високо образование –тивка смрт за Универзитетите!

Солза Грчева: Предлог Законот за високо образование –тивка смрт за Универзитетите!
Предлог Законот за високо образование кој е во собраниска процедура во ништо нема да го подобри или унапреди квалитетот,  туку ќе го докусури високо - образовниот процес кој макотрпно е граден- вели за Фактор пратеничката Солза Грчева,  која јавноста ја знае и како поранешна претседателка на Советот за образование на СДСМ. Таа околу седум месеци своите ставови и аргументи во делот на образованието ги брани од пратеничките клупи,  кога ја повлече првично понудената оставка во Собранието и реши правдата да ја тера  институционално. Според неа, нема откажување  кога е убедена во нешто, дури и кога многу луѓе во моментот не се согласувале со неа, бидејќи како што нагласува  енергијата  ја наоѓа во себе, во својата вродена борбеност и непотчинетост на авторитети на кои не им верува. И покрај скоро тримесечниот израз на незадоволство на студентите и дел од академската заедница против новите предлог измени на Законот за високо образование, мнозинството во Парламентот  даде зелено светло за предлог-законот. Сега ќе следи неговата втора фаза, односно повторно враќање во матичната собраниска комисија на амандманска расправа. Ова според пратеничката Грчева покажува сериозна тврдоглавост на власта  и решеност по секоја цена да се занемари речта на академската заедница. “Гледајќи го досегашниот тек на настаните, на седницата на Влада и собраниската процедура, од институциите може да се исчита една крајна тврдоглавост и решеност да се занемари речта на целата академска заедница. За жал останаа глуви и на сосема легитимните барања и протести на студентите. По секоја цена се буткаат решенија кои во ништо нема да доприснесат за унапредување на квалитетот на високото образование. Напротив, одговорно тврдам дека ќе го докусурат”-вели пратеничката Грчева. Според неа, спорни се скоро сите законски одредби кои покрај воведување на државен испит за студентите предвидуваат и сериозни условувања и казнени политики  за  универзитетските професори. “Уште првиот член на Законот е крајно спорен, па би рекла и неук. Се дава право на само пет универзитети, оние според рангирањето со погрешни и измислени критериуми, да можат да организираат докторски студии. Знаете, докторските студии се наука. Ако ја погледнете таа ранг листа ќе видите дека на некои од тие универзитети не им е местото меѓу првите пет, точно по тој критериум. Но, тука има уште поголема замка која јавноста како да не ја согледа. Имено, во едно од дополнувањата на истиов Закон за Високо Образование, се забранија асистенти. Тие можат да бидат само од редот на докторски студенти. Тој член, веројатно со намера, не е корегиран. Па така, сите универзитети кои не се меѓу првите пет со дозвола за докторски студии, се осудени на тивка смрт. Без асистенти, нема универзитет. Меѓу нив е и Државниот Универзитет од Тетово (ДУТ)  за чие формирање си зема заслуги точно Министерот Адеми. Значи, формираа факултети без минимална кадровска опременост во секое населено место, а сега de facto укинуваат голем број на универзитети. Тивко, без да се сетат луѓето. И секој член натаму е спорен”-нагласува пратеничката Солза Грчева. Овој предлог закон, потенцира, не може да се поправа со амандмани, туку треба да се донесе сосема ново законско решение во чие креирање ќе бидат вклучени и студените и професорите. “Овој закон донесен 2008 и дополнуван многу пати, треба ритуално да се запали поради штетите кои ги донесе на високото образование. А потоа, некои навистина образовани и искусни членови на академската заедница заедно со Министерството да состават закон од почеток” -реагира Грчева. Таа потенцира  дека одлуката на Владата за носење на Закон за високо образование кој вклучува државен испит за студентите, казнени одредби за раководствата и клуч на врата за високообразованите институции кои нема да го спроведат новото законско решение е крајно скандалозна и противуставна. “Противуставна бидејќи ги сече остатоците од “уставно загарантираната автономија“, но и академската слобода. Автономијата не значи дека ако финансирате и барате краен резултат од нешто што е од јавен интерес како што е образованието, дека можете да влегувате во начините на предавање, поучување, испитување и истражување. А пак казнувањето со затворски казни на декани и професори е веројатно уникат во светската теорија и пракса. Постојат Кривични закони, а не во рамки на еден ваков закон да се најдат овие казни. Но, ова покажува дека Владата по ова прашање нема никаков консензус со академската заедница. Инаку зошто би посегала по вакви, досега невидени казни?! Ова е понижување за сите професори, научни работници и студенти”-подвлекува пратеничката. Иако надлежните повеќе пати потенцираа  дека државниот испит нема да важи за актуелните студенти, туку само за новозапишаните, сепак според неа, тоа е доказ дека надлежните се плашат од сериозно организирано студентско тело кое  не отстапува од своите барања и идеи. Дополнително и подршката како за студентите така и за професорите секојдневно расте. “Како и секогаш, Владата се послужи со селска итрина, уплашена од масовните протести на студентите. Со продолжување на рокот им испрати јасна порака дека ова всушност не важи за нив. Односно важи за оние кои сега не можат да протестираат и кои директорите на средните училишта ги држат под клуч. Но, очигледно не ги познаваат студентите. Тие кои протестираат не се борат за себе, туку изразуваат јасен став дека вакво силување на високото образование, ваква бесмисленост нема да дозволат. Впрочем дојдоа на протестите и наши студенти кои студираат надвор од државата да дадат подршка на големото “НЕ“ за измислениот концепт”-смета пратеничката Солза Грчева. Според образложенито на надлежните,  Власта во креирањето и доставувањето на предлог Законот  во Собранието  се раководела од идејата да се изградат здрави универзитети и здраво општество.  Во  образложението на измените на Законот за високо образование главен новитет според нив е воведувањето на државниот испит, кој ќе се  полага двапати преку тестови со  по пет прашања, а  за да се положи истиот, студентот ќе треба да ги погоди 60 отсто од позитивните одговори. Оценката од овој државен испит нема да се впишува и нема да влијае на просекот на студирањето. Но според универзитетската професорка и актуелна пратеничка Солза Грчева,  овие новитети нема да обезбедат квалитет. “Не може да подобрите квалитет, бавејќи се со последиците, а не со причините. Квалитетот на студентите е последица на ваквото образование, кое низ низа “реформи“ без согласност на академската заедница, дојде на ова дереџе. Со преполагање на испити кои веќе ги положиле кај своите професори, се стимулира само едно фактографско учење, а никако креативност, практична работа, истражувачка работа. Системските грешки кои со години доаѓаат токму од оваа Влада, бараат системски интервенции. Но, не сум сигурна дека знаат што значи тоа и како се прави”-вели Грчева. Таа своите ставови и аргументи ги спротивстави  на  Собраниската Комисија за образование, наука и спорт, но и на Пленарната седница пред пратениците.  Од друга страна додека пратениците го разгледуваа и дебатирааза измените  внатре, дел од студентите и дел од професорите и во неколку наврати претходно надвор го изразија својот револт и дециден став против новите владини реформи. “Јас многу гласно барав на Комисијата за образование во Собранието да им се даде пристап на колегите и на претставниците од Студентскииот пленум. За жал, Претседателот на Комисијата тоа не го дозволи. Исто и вчера пред пленарната седница, во последен момент ни беа разделени писмата со потписи од над 300 професори и од студентскиот пленум. На седницата побарав итно да се престане со понатамошното читање на Законот и да се даде можност за јавна расправа од три месеци. Но, знаејќи со каков демократси капацитет располагаме, морав да посегнам и по последната мерка и јавно го повикав Претседателот Иванов да стави вето на овој срамен закон. И јас и тој сме пред се професори. Функциите се минлива работа”- вели пратеничката  Солза Грчева. Во новите предлог измени за високо образование според Грчева, има многу “зошто“ за многу закони кои со светлосна брзина минуваат низ собраниските  комисиските  процедури. И овој предлог закон е вели, еден од тие. “Затоа сметам дека повеќе луѓе кои зборуваат против одредени решенија, кои гласно на граѓаните им ги кажуваат замките во законите кои мнозинството по правило сака да ги забошоти, ќе направат многу за демократскиот амбиент. Народот не секогаш знае што се крие зад убавите зборови на говорницата, но има право да знае што го очекува после изгласување на тие закони. Па нека цени, вреднува, споредува”- додава Грчева. . Таа потенцира,  дека верува во своите студенти и во нив како и многумина од професорите  гледа единствена искра на надеж дека навистина ќе создадат според неа  “општество на слободни луѓе, а не збирштина на безрбетници”. “Знам дека е тоа така и со најголемиот број на млади луѓе во нашата земја. И им порачувам со паролата на француските студенти од далечната  1968 кога на подобро, трајно го променија ликот на демократска Европа, а таа гласеше: “да бидеме реални, да го бараме невозможното“. Пред таков предизвик сме исправени денес, за да утре излеземе посилни и подобри”-завршува пратеничката Солза Грчева.
Слично

Поврзани вести