Сојузот на стопански комори уште седум месеци под палката на Златко Калеников
Златко Калеников останува претседател на Сојузот на стопанските комори (ССК) уште седум месеци. Вака одлучи Управниот одбор на Комората на денешното редовно Собрание, со образложение дека Статутот треба да се редефинира.
Како што изјави Калеников по Собранието, Сојузот на стопанските комори одамна го надмина Статутот зашто е значително зголемен во обем, од три комори на почетокот, сега го сочинуваат вкупно осум со најмалку по пет групации.
- И останатите двајца кандидати за претседател Венко Глигоров и Сеат Кочан ја поддржаа мојата одлука. Постигнавме еснафски договор во функција на Комората, да останам на челната позиција до промена на Статутот. Следното Собрание е закажано за јуни идната година, рече Калеников кој, како што нагласи, нема да се кандидира на следниот избор за прв човек на ССК.
На денешното редовно Годишно собрание бизнисмените членки на ССК ги разгледаа резултатите од досегашното работење и предвидените стратегиски активности за следниот период.
Сојузот во меѓувреме треба да избере и свои претставници во Светската коморска организација каде што членува.
Слично
