Сојузот на стопански комори отвори бизнис-центар за македонската дијаспора
Во рамите на Услужната комора при Сојузот на стопански комори (ССК) започна со работа „Бизнис-центар за македонската дијаспора“ . Целта е да се вмрежуваат што поголем број на компании чие седиште се наоѓа надвор од Македонија и се управувани од страна на македонски бизнисмени во дијаспората, со компании-членки на Сојузот на стопански комори.
„Бизнис-центарот за македонската дијаспора претставува мост кој ќе ги поврзува компаниите од Македонија и дијаспората. Со своето делување ќе придонесува за зајакнување на деловната соработка која се базира на взаемен интерес и партнерски однос“ вели Даниела Арсовска, претседател на Услужна комора при ССК.
Арсовска вели дека преку овој бизнис-центар ќе се искористи големиот потенцијал на македонските компании во дијаспората во форма на знаење, искуство, размена на идеи, деловни контакти, а сето тоа, ќе се стави во функција на развој на нашата држава.
„Центарот има за цел да го зајакне образовниот кадар и да врши дистрибуција на бизнис информации од странство во нашата земја. Контактите и редовните средби на домашните и нашите бизнисмени во дијаспората ќе бидат од голема корист за да се согледаат сите можности за бизнис инвестиции и партнерства “, вели Арсовска.
Во соопштението на Сојузот на стопански комори стои дека долгорочна цел на „Бизнис центaрот за македонска дијаспора“ е подготовка на „Програма за економска размена со дијаспората и нови директни инвестиции во Република Македонија“, со што ќе биде моќен претставник на бизнис заедницата на Р.Македонија, кој ќе ги претставува економските интереси и потреби во различни области на македонскиот пазар.
