Собранието си отвора профил на „Фејсбук“ и „Твитер“
Македонското Собрание се вклучува на социјалните мрежи. Од утре законодавниот дом ќе добие профили на популарните „Фејсбук“ и „Твитер“.
За почеток профилите ќе ги администрираат вработени во Одделението за информирање, а за краток период тие ќе бидат поврзани со електронскиот систем е-Парламент и собраниската веб-страна што ќе овозможи автоматизирано објавување на информациите и содржините, информираше претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Тој смета дека на овој начин содржините што им се веќе достапни на посетителите на веб-страницата на Собранието ќе им бидат подостапни на корисниците на социјалните мрежи. На „Фејсбук“ и „Твитер“ Собранието ќе известува дневните редови на седниците, на работните тела, меѓународни и други активности на пратениците и службата на Собранието.
Вељаноски вели дека Собранието ќе работи до 10 март, а потоа ќе следува прекин поради одржувањето на претседателските избори на 13 април. Дотогаш треба да се одржи уште една нова пленарна седница и евентуално уште една седница посветена на пратенички прашања за која претседателот на законодавниот дом ќе се консултира со координаторите на пратеничките групи. Седницата за пратенички прашања би требало да се одржи на 27 февруари, односно последниот четврток во месецот.
Слично
