Економија, финансии, бизнис

Контакт

Собранието се конституираше, в понеделник инаугурација на Иванов

Собранието се конституираше, в понеделник инаугурација на Иванов
Новиот состав на законодавниот дом се конституираше денеска. Македонија го доби осмиот по ред парламентарен состав од осамостојувањето, а беа верификувани мандатите на новоизбраните 123-ца пратеници во Собранието. Сепак, составот на Парламентот се очекува да претрпи одредени измени, откако дел од пратениците ќе преминат во новата Влада, а на нивни места ќе треба да дојдат други пратеници од кандидатските листи. Роковите за формирање на новата Влада почнуваат да течат од денеска. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ објавија дека веќе постигнале договор да ја формираат новата владина коалиција, но преговорите за распределба на ресорите допрва ќе се водат. Во рок од 10 дена претседателот на Република Македонија треба да му го довери мандатот за состав на новата Влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Но, најпрвин шефот на државата Ѓорге Иванов треба и самиот да положи заклетва пред Собранието, затоа што заедно со парламентарните се одржаа и претседателски избори на кои тој ја доби довербата за втор мандат. Седницата за инаугурација на Иванов на претседателската функција веќе е закажана за в понеделник точно напладне и на неа врз основа на член 81 став 9 од Уставот, претседателот на Република Македонија ќе даде свечена изјава пред Собранието. Инаугурацијата веќе е извесно дека ќе ја бојкотираат пратениците од опозицијата, а под знак прашалник останува и присуството на ДУИ која исто така не го поддржа Иванов на изборите и бараше консензуален кандидат за претседател.
Слично

Поврзани вести