Собранието предизборно вработува 49 службеници
Од сите огласи во предизборниот рок, кои поради законски ограничувања, мора да завршат за еден месец, најголем работодавач е Собранието со најголем број отворени позиции, кое вработува 49 службеници со краен рок за пријавување до 27 јуни 2025 година. Платите се движат околу 35.000 денари.
Собранието бара раководител на одделение за поддршка на работата на претседателот на Собранието и соработка со други институции, помлад соработник за стручна помош за подготовка на текстови на предлог на закони, помлад соработник за објавување на законите во Службен весник, соработник за информирање на јавноста на албански јазик, помлад соработник за социјални медиуми...
Од законодавниот дом велат дека огласот за новите вработувања е објавен во согласност со претходно донесениот годишен план за вработување за 2025 година, по предлог на Советот на собраниската служба.
„Планираните развојни активности во периодот што следи се однесуваат на екипирање на организациските единици чија ефикасност е условена со бројот и компетентноста на вработените. И една од целите на Стратешкиот план на Собранието е да имаме ефикасна служба каде што приоритетите се екипираност и политика на задржување на кадарот како и професионален развој на вработените и континуирано учење“, одговорија од Собранието.
