Собранието на полноќ се распушта, последен работен ден за пратениците
Собранието на Република Македонија на полноќ треба да се распушти, врз основа на изменетата одлука што ја изгласаа пратениците на 23 февруари годинава.
Се очекува претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски утре или во некои од наредните денови да распише избори што според најавите треба да се одржат на 5 јуни.
„Јас кажав веќе дека на 7 април ќе биде распуштено Собранието. Тогаш останува на мене, според уставните надлежности што ги имам, да го донесам решението за распишување на изборите, кое се одредени да бидат на 5 јуни. Како претседател на Собранието, условно можам да тактизирам, и наместо на 7 април да го потпишам решението на 15 април, за да и' дадам можност на ДИК за продолжување на некои работи, ако евентуално не се завршени. Тоа се однесува околу делот на избирачкиот список, бидејќи многу активности на ДИК за време на спроведување на изборите зависат од денот на потпишување на решението за распишување на изборите“ - кажа Вељаноски.
ДИК денеска треба да ги соопшти резултатите од теренската проверка на спорните гласачи, а се очекува да донесе и заклучок за тоа дали до 17 април може да заврши процедурата на прочистување на избирачкиот список. Проверката првично требаше да заврши во неделата.
