Собранието ќе се конституира утре – кој ќе биде спикер?
Утре во 13 часот новиот состав на македонското Собрание ќе ја одржи својата конститутивна седница. На седницата треба да бидат верификувани мандатите на новите пратеници.
Засега нема договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за тоа кој ќе го преземе местото собраниски спикер. Ова е една од клучните позиции на кои инсистира Ахмети и во рамките на преговорите за новата владејачка коалиција. ВМРО-ДПМНЕ, пак, за позицијата повторно го споменува досегашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.
Се поизвесно е дека конститутивната седница ќе ја бојкотираат избраните пратеници на СДСМ и нивните коалициски партнери, како и пратеникот на НДП, кои не ги подигнаа ниту уверенијата за пратеничките мандати затоа што не ги признаваат изборите. Сепак, во изминатите неколку дена експерти толкуваа дека Собранието ќе се конституира и без нивно присуство, а мандатите ќе им бидат верификувани од парламентарното мнозинство иако не се присутни во салата. Доколку опстојат на идејата за враќање на мандатите, тие потоа ќе треба да поднесат оставки на пратеничките функции.
Пред новиот состав на македонското Собрание следната недела заклетва треба да положи и избраниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов. Неговата инаугурација сеуште не е официјално закажана, бидејќи се очекува најпрвин да помине конститутивната седниица на законодавниот дом.
Слично
