Собранието ја заврши 2021 со исплатена инвестиција од над половина милион евра
Собранието во последните денови од 2021 целосно однапред го исплати новиот електронски систем за говорење и гласање на пратениците, во висина од околу 520.000 евра. Договорот за набавката веќе беше склучен и објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки, а тендерот го доби Друштвото за производство, трговија, инженеринг и услуги ДУНА ДОО експорт-импорт Скопје.
Законодавниот дом за релативно кратко време на операторот му исплатил 31.816.306 денари кој ќе има рок од една година да ја испорача новата опрема. Во јавната набавка беше напоменато дека Собранието веќе предвидело пари во буџетот за 2021 година.
Ова е најголема инвестиција на парламентот од периодот 2011-2016 за време кога на „Бетон“ му беа исплатени над 20 милиони евра за новоизградените и надградените објекти како големата купола, конгресната сала, новата зграда во дворот на објектот. Собранието тогаш доби над 4.000 дополнителни квадратни површина за користење.
Договорот со „Дуна“ предвидува опремување на пленарната сала во Собранието со електронски систем за говорење и гласање, како и опрема за симултан превод од производителот Brähler Systems GmbH.
„Предметот на набавката ги опфаќа следните работи: демонтажа на стариот систем, испорака на опремата, инсталација, тестирање и пуштање во употреба, прилагодување на перформансите на новиот систем во согласност со Деловникот за работа на Собранието. Интеграција на новиот систем со постојаната аудио и видео опрема и Е-Парламент. Спроведување на обуки на вработените и техничките лица и извршување на сите други предвидени работи согласно прифатената понуда и барањата од техничката спецификација“, пишува во договорот.
Набавката е образложена и со тоа дека набавката на новиот систем има за цел да врши регистрација на пратениците на седниците, да дава информација за присуство/отсуство на пратеник за време на гласање, како и да гарантира сигурност на резултатите од гласање…
