Собранието доби потпретседател, пратениците со полн состав и жестока дебата!
Унверзитетската професорка Рената Тренеска Дескоска денека беше изберена за потпретседателка на Законодавниот дом.
Со вкупно 83 гласа „за“ и само еден „против“, Тренеска Дескоска стана потпретседателка.
Опозициските пратеници после 15 месеци отсуство од собраниските столчиња денес остро аргументираа од собраниската говорница, додека нивните колеги од владеачкото мнозинство нервозно, и со дофрлување од место им возвраќаа.
Главна тема со која го почна првото обраќање координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески беше образложението за враќањето на опозицијата во собраниските клупи, за договорот од Пржино и политичката криза во земјава.
Едните и другите се обвинуваа меѓусебно кој е виновник за политичката криза.
Координаторот на опозицијата посочи дека за да се реши кризата треба да се имплементира договорот во предвидениот рок, Собранието да изгласа специјален јавен обвинител, избор на нови министри од редовите на опозицијата, избор на нова преодна влада, како и измени на изборното законодавство и создавање на услови фер и демократски избори.
Говорот на Сугарески предизвика револт кај координаторот на владеачката партија Илија Димовски, кој пак веднаш обвини дека Сугарески не го почитувал собранискиот Деловник, предупредувајќи дека почитувањето на Деловникот, на Уставот, на законите ќе бидат примарна обврска и нема да дозволат никој да си поигрува со Деловникот.
Опозицијата на првата седница во полн состав се соочи со низа критики од Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ, но и пријатно добредојде Џевад Адеми од ДУИ.
