Економија, финансии, бизнис

Контакт

СО ЗАКОНОТ ЗА СИСТЕМ ЗА ПЛАТИ САКА ДА СЕ КОНТРОЛИРА СЕ, синдикатите укажуваат дека планираните измени се против Уставот

СО ЗАКОНОТ ЗА СИСТЕМ ЗА ПЛАТИ САКА ДА СЕ КОНТРОЛИРА СЕ, синдикатите укажуваат дека планираните измени се против Уставот

Нацрт-законот за систем за плати во јавниот сектор, кој е ставен на ЕНЕР, не е системско решение и со него уште повеќе ќе се искомплицира ситуацијата, оценува претседателот на Синдикатот на УПОЗ при ССМ, Трпе Деаноски и додава дека како Синдикат не биле консултирани за ваквото законско решение.

- Ова само уште повеќе ќе ја искомплицира ситуацијата. Воведуваат некакви системи и на тоа некакви подсистеми. Во администрација ќе биде едно, во здравство друго, во одбрана трето, во јавни претпријатија четврто… Ова ми делува како да се сака да се контролира се, да се стави рака врз синдикатите и пресметката на плати како што сака министерот за финансии - вели Деаноски.

Ваквото законско решение, според него, е спротивно на Уставот, бидејќи се прави обид да се регулира исплатата на плата преку правилници, а според уставите одредби, плата се исплаќа само со закон и колективни договори.

Вредноста на бодот, според Нацрт-законот, ќе ја носи Собранието, но на предлог на Владата. И со ова, според Синдикатот на УПОЗ, не се менува ништо.

- Вредноста на бодот нема да ја носи Владата, туку Собранието и тоа е добро од една страна, но вредноста на бодот ќе се носи на предлог на Владата, односно на предлог на Министерството за финансии, што значи дека ништо не се менува. Нема да биде вклучен никој однадвор, нема да бидат вклучени синдикатите и ќе биде по старо, односно ќе се носи вредноста на бодот како што им одговара во Буџетот - појаснува Деаноски.

Тој посочува дека ќе се носи алтернативна вредност на бодот во случај дали ќе има вонредна, воена или кризна состојба во државата.

- Значи ако има криза ќе имате една плата, ако нема криза, ќе имате друга плата - вели Деаноски.

Со ова законско решение засегнати се од 130.000 до 150.000 вработени во јавниот сектор. 

Слично

Поврзани вести