Економија, финансии, бизнис

Контакт

СО ЗАДОЛЖИТЕЛНОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО ОСИГУРУВАЊЕ ДРЖАВАТА ЌЕ БИДЕ СИГУРЕН ПАРТНЕР И ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ И ЗА ОСИГУРИТЕЛНИТЕ КОМПАНИИ: Интервју со Крсте Шајноски, претседател на АСО

СО ЗАДОЛЖИТЕЛНОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО ОСИГУРУВАЊЕ ДРЖАВАТА ЌЕ БИДЕ СИГУРЕН ПАРТНЕР И ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ И ЗА ОСИГУРИТЕЛНИТЕ КОМПАНИИ: Интервју со Крсте Шајноски, претседател на АСО

Модерното, пазарно ориентирано земјоделство не може ни да се замисли без добро организирано и развиено осигурување. И во нашата земја земјоделското осигурување станува задолжително со закон, со што неговото учество во осигурителниот пазар значително ќе се зголеми. Во интервју за Бриф, на повеќе прашања поврзани со оваа тема одговара Крсте Шајноски, претседател на Совет на експерти на Агенција за супервизија на осигурување (АСО), независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

Агротим: Законот за задолжително земјоделско осигурување треба да стапи на сила во 2024 година. Новиот концепт на земјоделско осигурување кој го работи МЗШВ предвидува формирање на осигурителен пул, чија цел ќе биде осигурување на земјоделското производство на сите земјоделци. Како што информираат од МЗШВ, новиот закон е брзо и подобро системско решение преку кое земјоделците исплатата на настанатата штета ќе ја добиваат во текот на истата година кога е настаната штетата. Какво е вашето мислење?

Крсте Шајноски: Земјоделците се стратешки важна економска категорија којашто го храни општеството и целосно и безрезервно ја заслужуваат целата поддршка од сите системски фактори. Домашното производство на квалитетна храна е темел на општествената благосостојба и база на економскиот раст и развој.

Овој проект е стратешки важен затоа што нуди системско издржано решение за земјоделското осигурување. Големата и крајна цел на овој проект е за определен период земјоделското осигурување да стане самоодржливо, да има потенцијали за раст и развој така што да бидат задоволни трите вклучени страни односно партнери: земјоделците како корисници, осигурителните компании како даватели на услугите и државата како поддржувач.

Суштинската промена е во тоа што државата ќе се вклучи и ќе биде сигурен партнер и за двете страни: земјоделците и осигурителните компании. На едната страна ќе вложува во полисите за осигурување во партнерски однос со земјоделците кои ќе мора да издвојат и сопствени средства за земјоделско осигурување. Земјоделското осигурување ќе биде услов за земјоделците да добијат државна субвенција за земјоделско производство.

На другата страна државата преку Владата ќе стане партнер и ќе го дели ризикот заедно со осигурителните компании преку учеството во новоформираната осигурителна институција наречена Осигурителен пул.

Целото интервју на Бриф.мк

Слично

Поврзани вести