Економија, финансии, бизнис

Контакт

Со странците лесно се соработува, ама мора да играш по нивни правила

Со странците лесно се соработува, ама мора да играш по нивни правила
Тешко оди соработката на странските инвеститори во Македонија и домашните компании. Само ретки оствариле бизнис контакти и деловно соработуваат. Затоа Владата има намера да ангажира меѓународни консултанти, кои ќе им помагаат на домашните и странските бизнисмени полесно да комуницираат. Лани домашните компании испорачале стоки и услуги на странските компании во земјата во вредност од 50 милиони евра. Две македонски компании произведуваат за фабриката за производство на автобуси „Ван хол“, но вицепремиерот Зоран Ставрески очекува таа бројка да се зголеми.
„Целта е остварувањето на макроекономските ефекти кои се однесуваат на зголемено производство, зголемување на БДП, извоз и вработеност да се преточат во микроекономски ефекти, односно да се зголеми додадената вредност од присуството на странските компании во Македонија“, вели Ставрески. „Ако домашната компанија ги исполни стандардите за да може да соработува со странска компанија, тогаш таа ќе може и да извезува и да стане дел од глобалниот пазар,“ изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.
Домашните бизнисмени кои оствариле соработка со странските инвеститори, велат дека е лесно да се соработува, но притоа треба да се работи според правилата кои ги диктираат странците.
„Ако е важен производот тогаш и односот на странците е поинаков кон домашната фирма. Ако пак за нив е од помала важност, важат други процедури и однесување. За разлика од нашите менаџери, нивните се поорганизирани, а фирмите прават подобри планови, што е разбирливо зашто работат во постабилни бизнис услови од нас“, вели Христијан Ковачевски од фирмата „Унипласт“ од Струга која веќе работи делови за автобусите на „Ван хол“.
Странските инвеститори во Македонија би соработувале со компаниите кои можат да обезбедат квалитени репроматеријали, машини, резервни делови, метални и пластични делови за комплетирање на производите, но и амбалажа, лепила, хемиски материјали за лабораториите и транспорт и логистика. Околу 20 вакви компании се презентираа денеска пред македонските бизнисмени во обид да изнајдат можности за соработка.
Слично

Поврзани вести