Спојување на ВИП и ОНЕ, ќе ја задржи ли Т-Мобиле лидерската позиција во мобилната телефонија?
Објавеното спојување на операторите ВИП и ОНЕ се очекува да предизвика поместување на пазарот на мобилна телефонија во Македонија. Досегашниот пазарен лидер Т-Мобиле, кој контролираше околу 47,06% од пазарниот удел според бројот на претплатници, согласно извештајот на Агенцијата за електронски комуникации за првиот квартал од годинава, сега би можел да падне на второ место.
Имено, извештајот за развојот на пазарот за електронски комуникации во првиот квартал во 2014 година, покажува дека ВИП има 27,82%, а ОНЕ 23,88% од вкупниот број на претплатници. Со спојување на овие два оператори во една компанија, практично ќе се создаде гигант кој ќе контролира повеќе од половина од пазарот на мобилна телефонија во Македонија.
Минорни 1,24% од бројот на претплатници во мобилната телефонија се кај операторот Албафон.
Дополнително, бројот на претплатници на Т-Мобиле бележи пад во последните три квартали анализирани од АЕК (3 и 4 квартал 2013 и 1 квартал 2014) и тоа за 1,7%. Во истиот период бројот на претплатници во операторот ВИП бележи пад за само 0,5%, а бројот на претплатници на ОНЕ се зголемил за околу 0,8%.
Слична слика се добива и според уделот на мобилните оператори во приходите од обезбедување на мобилни комуникациски услуги. И тука повторно со спојување на ВИП и ОНЕ, Т-Мобиле би можел да падне на второ место.
Согласно последните податоци за првиот квартал од 2014 година на пазарот на електронски комуникации, што ги нуди АЕК, Т-Мобиле досега по овој основ имаше најголем пазарен удел од 49,55% потоа следува ВИП Оператор со 29,39%, ОНЕ Оператор со 20,83% и Албафоне 0,23%. Пазарните удели се пресметани за вкупниот приход кој претставува сума од приходи од: услуга за започнување на повик, од месечна претплата, од пренос на податоци, од терминална опрема, од СМС, од ММС, од роаминг (сообраќај, СМС и дата) и останати приходи.
Телеком Австрија Групацијата денеска објави дека договори спојување на својата подружница Вип оператор со компанијата Оне (подружница на Телеком Словеније) во Република Македонија. Телеком Австрија Групацијата ќе поседува 55% удел во компанијата и ќе има целосна контрола врз новосоздадениот ентитет, додека Телеком Словеније ќе задржи 45%.
Се спојуваат ВИП и ОНЕ!
Слично
