Со сите оружја против средношколците! Младината не попушта!
Околу 18 000 средношколци веќе втора недела ја бојкотираат наставата во средните училишта. Учениците се децидни дека нема да отстапат од нивните барања за стопирање на екстерното тестирање и враќање на стариот концепт на државна матура. Средбата со првите луѓе во Министерството за образование и наука која според неофицијални извори треба да се случи денес ка или најдоцна утре, според средношколците е можна шпекулација за да се смири новоотворениот образовен фронт со средношколската младина. Тие барем според досегашното искуство, велат не се уверени дека надлежните сакаат конструктивен дијалог, туку спроведуваат реформи без консултација со најзасегнатите-учениците , наставниците и родителите.
Можната средба со надлежните, според средношколците би значела дека бојкотот би бил ставен во митување, но не и целосно прекинат. Тие не отстапуваат од своите барања кои досега двапати и написмено ги доставиле до ресорното министерство. Доколку нема заеднички прифатливи решенија, велат учениците, бојкотот на редовната настава нема да прекине. Образовните дилеми, според нив, мора да се решат со нови сериозни законски решенија во интерес на учениците.
Деновиве, велат од Средношколскиот пленум се позасилени се притисоците од страна на просветните инспектори, матурантите да ги потпишат пријавите за полагање на државна матура по новиот концепт. Ова според средношколците е неприфатливо решение со кое не се сложуваат. Во двете скопски гимназии “Раде Јовчески-Корчагин” и “Орце Николов”ниту еден од средношколците од завршните години не ја потпишал пријавата за државна матура чиј последен рок завршува денес.
“Во средните училишта повторно дојдоа нови пријави за пријавување на државна матура.Како краен рок за предавање на пријавите е 16 април.Досега никогаш немало толку брзо пријавување на државна матура.На средошколците им се даваат само 3 до 4 дена да ја пријават државната матура чиј концепт го нема на страната на matura.gov.mk. и при тоа се поднесуваат пријави за кои средношколците се изјаснија дека не се според нивните барања.Токму затоа матурантите реагираат и не ги потпишуваат овие нови пријави.Концепцијата за полагање државна матура претрпе голем број на промени во последниов период, но средношколците се изјаснуваат и аргументираат зошто тие промени не придонесуваат за утврдување на знаењето”-вели Моника Пешевска од Средношколскиот пленум.
Поради натрупаниот распоред на термини кусиот временски рок предвиден за полагање на државната матура за матурантите, која вклучува три задолжителни екстерни предмети и еден изборен интерен предмет, средношколците ќе мораат дури седум пати да поминат на тестирање.
Дополнително потенцираат до крајот на учебната година ги чекаат редовните испрашувања и завршни годишни тестови по сите наставни предмети. Во меѓувреме на адреса на членови на Средношколскиот пленум стигнуваат нови притисоци и закани.
“Најбројни се заканите дека учениците ќе добијат исписници од училиште доколку не потпишат изјави за полагање на државна матура по новиот концепт. Ова за учениците и нивните родители е една од најголемите нелогичности, во услови кога надлежните од една страна тврдат дека математиката нема да биде задолжителен предмет во гимназиите, освен во природно –математичките насоки, а од друга страна бараат начин како да ги спроведат замислените реформи”- вели Дејан Рајковски од Средношколскиот пленум.
Оттаму не ја признаваат измената во концептот за државна матура која што се “постигна” на средбата помеѓу , според нив неактивната Унија на Средношколци и Министерството за образование и наука. Тие одбиваат да ги потпишат пријавите бидејќи на тој начин сметаат дека нивната борба и бојкотот на наставата нема да имаат никаква смисла.
“Ни се закануваат дека нема да можеме да ја полагаме матурата ако не потпишеме изјава, а без матура нема да можеме да се запишеме на факултет, потоа следеа закани за парични казни за нашите родители во висина од неколку илјади евра. Кога увидоа дека не подлегнуваме под овие притисоци пристапија кон поинакви методи. Имено станува збор за убедување дека пријавите за државна матура мора да ги потпишеме по секоја цена. Нелогичностите во однос на овие пријави се огромни. Како бараат од нас да потпишеме пријава за полагање на државна матура по нов концепт кога измените во однос на истиот не се објавени во службен весник и никаде не е потенцирано дали воопшто стапуваат во сила”- додава матурантот Рајковски.
Според него заканите и притисоците се обид да се влее страв кај учениците кои секојдневно го докажуваат токму спротивното, и се помасовно се приклучуваат на бојкотот на наставата. Учениците апелираат првично нивните професори, а потоа и надлежните сериозно да ја сватат нивната борба за поквалитетно образование, бидејќи постои ризик редовната програма да не се реализира до крај, а манипулација со учениците може да има далекусежни последици за двете страни.
“Сметаме дека сите овие закани кои ги упатуваат кон нас се неосновани од законски аспект. Нивната единствена цел е да не замолчат користејќи го познатиот метод-влевање на страв. Доволно сме зрели за да ја видиме поголемата слика, но жално е што стигнавме до стадиум во кој професорите, педагозите и психолозите чија цел е да ни помогнат во процесот на себеспознавање и изградба како личности започнаа да се служат со ниски манипулации и притисоци. Загрижени сме што овие благородни професии се деградирани и злоупотребени до овој степен.Искрено се прашуваме во какви личности очекуваат да прераснеме кога постојано сме заплашувани и манипулирани ? Како ќе градиме просперитетно општество со младина врз која постојано се сее страв ?”-додава Дејан Рајковски од Средношколскиот пленум.
Промената која ја издејствува Унијата на Средношколци, според Средношколскиот пленум не е промена која ја сакаа и бараа средношколците. Јасен показател е бојкотот на настава кој се случува во околу 10 училишта во Скопје, но и во Охрид, Велес , Тетово, Куманово и Струмица.
“ Исто така за тоа е показател и одлуката на многумина матуранти од повеќе училишта да одбијат да ги потпишат новите пријави за државна матура.Средношколскиот пленум е организаторот на првиот марш на средношколците , а Унијата на средношколци се појави во јавноста после првиот марш на средношколците), а исто така ние сме тие кои ги пратија барањата за ставање на екстерното тестирање во мирување и враќање на стариот концепт за полагање матура (во стариот концепт немаше електронско тестирање, а како втор екстерен предмет се бираше меѓу математика и англиски) заедно со аргументација. Унијата вели дека постигнала договор за борбата која ја водеше Средношколскиотпленум. Токму затоа постигнатиот договор не е тоа што средношколците го бараа.” –велат од Средношколскиот пленум.
Договорот кој експресно го постигнаа Унијата и надлежните, според членовите од Пленумот прави дискриминација меѓу учениците. Тие објаснуваат дека учениците од природно-математичките подрачја имаат задолжително полагање на математика како втор екстерен предмет, а учениците од јазично-уметничките подрачја имаат задолжително полагање на странски јазик исто така како втор екстерен предмет, додека учениците од општествено-хуманистичките подрачја имаат избор на вториот екстерен предмет меѓу математика и англиски . За нив, на овој начин се прави дискириминација меѓу самите ученици и им го ускратува правото на избор.
С.Б.
Слично
