Со речиси 10 милиони евра ќе се финансираат дефицитарни здравствени услуги
Во буџетот што Фондот за здравство го издвојува за дефицитарни здравствени услуги, годинава за првпат се предвидени пари и за 20 трансплантации на бубрег од починат донатор. Со ова се исполнува и последниот услов за старт на кадаверична трансплантација во Македонија, а на Клиниката за нефрологија веќе се составува листа на чекање на првите пациенти.
Буџетот годинава изнесува околу 9,6 милиони евра, а со овие пари ќе се финансираат и трансплантации на црн дроб, кардиохируршки интервенции за 65 деца на Детска клиника, како и нови терапии на Клиниките за пулмологија, кардиологија и психијатрија.
За првпат ќе се воведе и реконструкција на дојка по мастектомија, предвидена за четириесетина пациентки. Со овогодинешната делба на буџетот на клиниките, се предвидени пари и за 4500-тини интервенции со фако-методата за катаракта.
Ваквите условни буџети клиниките ќе мора да ги потрошат за конкретни, инаку дефицитарни здравствени услуги во земјава, во спротивно ќе мора да ги вратат.
Слично
