Со принос од 19,5%, КД Нова ЕУ е најдобро управуван фонд во 2014 година
Во време кога каматите на штедните влогови постојано паѓаат, инвестициските фондови се наметнуваат како алтернатива за која во иднина сѐ посериозно ќе се размислува при носењето на одлуката каде да биде вложен дел од личните заштеди. Изминатата 2014 година е доказ дека вложувањето во фондови може да се покаже исклучително профитабилно, дури и со двоцифрена заработка на годишно ниво. Анализирајќи го целокупниот пазар во Република Македонија, најголемо внимание според остварениот принос ни привлече инвестицискиот фонд КД Нова ЕУ, управуван од друштвото КД Фондови АД Скопје. Со цел да Ви ги појасниме причините за одличните резултати кои ги постигнува овој фонд во изминатиот период, го побаравме за разговор извршниот директор на КД Фондови, господинот Лазе Камчев.
Господине Камчев, велите дека секој инвестициски фонд претставува посебна вложувачка приказна. Можете ли да им појасните на нашите читатели, каква е приказната за фондот КД Нова ЕУ, односно која инвестициска политика ја следи овој фонд?
Политиката на вложување на овој наш фонд е насочена кон групата млади пазари или т.н. „гранични“ пазари од држави кои географски припаѓаат во регионот на Источна и Југоисточна Европа, вклучително и Република Македонија. Дел од овие држави се веќе членки на Европската Унија и еврозоната или се на пат да се приклучат кон заедничката валута – еврото, други пак се во фаза на преговори за присоединување. Оттаму произлегува и името на фондот - КД Нова ЕУ, кое асоцира на новите и потенцијални членки на ЕУ. Карактеристика за овие пазари се поголемите осцилации на краткорочен период. Од друга страна, ние веруваме дека овој регион има потенцијал за раст, поради фактот што цените на акциите на балканските берзи се привлечни, а студиите за трендовите на закрепнување на економиите говорат во прилог на предвидувањата дека овој дел од Европа на среден рок има добра перспектива.
Со остварен принос од 19,5% во текот 2014 година КД Нова ЕУ отстапува од другите фондови во Македонија. На што според Вас се должи овој висок раст?
Најголемата активност поврзана со инвестициската политика на КД Нова ЕУ во 2014 година беше преземањето на аеродромот во Љубљана од страна на германската компанија “Фрапорт”. Само по основа на оваа продажна трансакција остваривме заработка од речиси 100%. И за останатите словенечки компании во портфолиото можам да кажам дека беа „главни виновници“ за високиот принос.
Помеѓу македонските компании кои исто така реализираа позитивна промена би ги вброил акциите на Алкалоид, Гранит и Охридска банка.
Какви се Вашите очекувања за претстојниот период? Можно ли е позитивната приказна да продолжи и понатаму?
Во првиот квартал од 2015 година, ако сѐ се одвива согласно најавите, би требало да се заврши со процесот на приватизација на Телеком Словенија, комапанија на која фондот КД Нова ЕУ е изложен со речиси 9% од своите средства. По овој процес очекуваме зголемена ликвидност на пазарот на капитал, која би можела да доведе до раст не само на Љубљанската берза, туку и на останатите регионални пазари.
Интересно ќе биде да се следи и евентуалната продажба на тутунскиот дел од дејноста на Адрис групата, како и нејзиното преструктуирање во делот на осигурувањето.
Потенцијално најголемо случување во 2015 година, не само во Хрватска, туку и во целиот регион би можела да биде првата јавна понуда (IPO) и котација на компанијата Агрокор.
За крај да сумираме. За каков тип на вложувачи е наменет фондот КД Нова ЕУ?
Со оглед на инвестициските цели и политика, КД Нова ЕУ првенствено е наменет за вложувачи со долгорочен вложувачки хоризонт и повисок степен на толеранција кон ризикот, кои се решени да вложуваат совесно, дисциплинирано и континуирано, со цел оплодување на вложените средства на долг рок. Препорачлив временски период за вложување е најмалку пет години.
Износот кој е разумно да се вложи во овој фонд зависи од личните цели и можности, како и односот кон ризикот на секој поединечен инвеститор.
Слично
