„Со поголемата флексибилност работодавачите ќе може многу полесно да најдат работна сила“: Ристески за законите кои се носат
Со новиот закон за работни односи, кој е во подготовка, се уредува работата од дома, од далечина, онлајн-работата, а се предвидува и флексибилно работно време за родители со мали деца, најавува заменик-министерот за економија Марјан Ристески.
Тој посочува дека законто ќе биде адаптиран на модерниот начин на живеење и работа на граѓаните, особено на младите во Македонија, кои не сакаат стандардизирано работно време од осум часа како што е сега.
- Со поголемата флексибилност дадена во овој закон се надевам дека и работодавачите ќе може многу полесно да најдат и работна сила на пазарот на труд. Од друга страна, пак, со одредени доквалификации, доедукација на невработените лица на пазарот на труд, преку оперативниот план што го подготвуваме, гледаме да создадеме конкурентна работна сила, која ќе може да се приспособи на новите предизвици и на новиот закон за работни односи, вклучувајќи го тука и ИТ-секторот како еден од позастапените во ова поново модерно време - вели Ристески.
Во однос на влијанието од воениот конфликт на Блискиот Исток врз економијата, порачува дека нема потреба од паника и најавува мерки за што помал удар од зголемувањето на цената на енергентите во формулирањето на цените на другите производи.
- Воениот конфликт во Иран навистина прави тектонски потрес на економијата во светски размери бидејќи Иран е еден од главните играчи во производството и дистрибуцијата на нафта во светот. Ние сме мала увозно зависна држава, особено увозно зависна од разни енергенти, нафта. Сметаме дека можеби ќе има некое влијание сето ова, меѓутоа да оставиме како ќе се одвиваат понатаму процесите поврзани со воениот конфликт сметајќи дека бргу ќе биде завршен. Доколку не, тогаш она што ќе биде како светска политика во надминувањето на оваа криза ќе треба и ние да го прифатиме со одредено адаптирање на нашата економија, со цел да имаме помал удар врз зголемувањето на енергентите во формулирањето на цените на производите - домашните производи, увозните производи, оние што ги извезуваме од Македонија - вели Ристески во интервјуто за МИА.
Заменик-министерот за економија најавува дека казните за трговците за загрозување на фер трговијата и граѓаните може да достигнат и до 400.000 евра, како и дека ќе има казни и за доставувачите, кои ја прифаќаат нефер играта на трговците.
Според него, прашањето за минималната плата станало политичко, но посочува дека секогаш се подготвени да разговараат во насока на заштита на животниот стандард на работниците.
- Треба да внимаваме. И ние сме на ставот да има зголемување на платите, да се подобрува животниот стандард, но кога има вакви ад хок барања од одредени синдикати и со одредена доза политика и за неприродно зголемување на минималните плати, и синдикатите и сите треба да одговориме на неколку битни прашања. Колку таквото зголемување на платите најмногу ќе ги погоди трудоинтензивните дејности, како што се текстилната и кожарската индустрија, најмногу ги погодува микропретпријатијата со неколку вработени или занаетчиите, колку од нив ќе бидат затворени, дали зголемувањето на платите ќе значи отпуштање вработени од одредени сектори, дали зголемувањето на минималните и на другите плати на ваков неприроден начин ќе биде вкалкулирано во цената на крајниот производ и ќе ја подгрее инфлаторната спирала - наведува Ристески, кој одговара и на прашања за просечната потрошувачка кошничка, измените на Законот за забрана на нефер трговските практки, примената на Законот за работно ангажирање лица...
Како поконкретно ќе се реагира за заштита на стандардот на граѓаните од тој потенцијален поголем раст на цените?Пред сè, да се надеваме, како што кажав, дека конфликтот ќе заврши бргу и режимот во Иран ќе падне побргу, ќе се воспостави управување на оваа држава на демократска основа со помош на нашите сојузници - Соединетите Американски Држави и сите што се сојузници на таа страна во овој конфликт. Секој конфликт, особено во земји што се глобални играчи во политиката со енергентите во светот, како Иран, создава поголеми тектонски движења. Вчера имаше седница на Советот за безбедност кај претседателката и сигурно се разговараше и за идни, да речам, влијанија врз македонската економија и кои чекори ќе бидат преземени понатаму, ќе ѝ бидат соопштени на македонската јавност. Јас би упатил само едно смирување засега кај граѓаните - нема потреба од одредена паника.
Ќе гледаме преку разни мерки понатаму, кои ќе следуваат, да се регулира цената на енергентите, која е еден од главните инпути во составувањето на цената на производите, со цел да не се создаде поголема инфлација, раст на цените и поткопување на животниот стандард на граѓаните и нивната куповна моќ. Како Министерство за економија и труд, но и Владата, ја следиме будно состојбата и јавноста навремено ќе биде избвестена за сите мерки што ќе ги преземеме.
Од 1 јануари почна примената на Законот за работно ангажирање лица. Што покажуваат првичните ефекти?
Тој закон исто така е револуционерен, првпат се спроведува во Македонија. Целта е сузбивање на сивата економија, работењето на црно, што го имаше во голем број сектори. Опфатени се земјоделството, угостителството и услуги во домаќинството, онаму каде што било утврдено дека има најмногу потреба и има работа на црно во моментот. Мислам дека апликацијата е многу лесна и достапна за сите работодавачи да може во текот на денот, неделата, месецот, да ги пријавуваат и одјавуваат. Со овој закон, популарно наречен за сезонски работници, опфатени се повеќе категории граѓани, студентите, пензионерите, може да работат и вработени лица како дополнителна работа или part-time job и невработени лица, социјални категории лица. Притоа, при работното ангажирање да не го изгубат веќе стекнатиот статус и да им се пресметува во пензиско-инвалидско осигурување итн. со одредена повластена стапка. Очекуваме законот да ги даде првите ефекти во текот на оваа година и во наредниот период некаде околу 18 до 20 илјади лица да бидат регулирани, кои сега работат на црно. Тоа од аспект на работодавачите е корисно затоа што нема да се плашат кога ќе им дојде трудова инспекција, кога сакаат ќе може од свој мобилен телефон да ги пријават и одјават лицата многу лесно и едноставно во однос на работните часови или денови како се ангажирани. А од друга страна, пак, лицата што досега биле ангажирани, а не им биле плаќани придонеси, ќе може да им се плаќаат и да ги земат сите средства што се предвидени во законот - дали тоа е пензија или студентска стипендија или социјална помош, односно нема да го изгубат статусот. Тоа ќе биде како дополнителен приход за лицата. Особено за студентите и пензионерите, па и невработените.
Имаше барање од бизнис-заедницата за проширување на дејностите што се опфатени со законот. Се анализира ли тоа?
Првин да ги видиме ефектите што би ги дал овој закон на крајот од годината. Ќе сублимираме, ќе видиме, ќе имаме состаноци со работодавачите, стопанските комори, секако и со синдикатите. Тоа ќе биде разгледувано и на идните економско-социјални совети и ако има потреба, секако дека ќе бидат проширени дејностите, особено дејноста градежништво, мислам дека најмногу барањето е токму во оваа дејност.
Фото: Принтскрин/Јутуб