Со обновлива енергија Европа заштедила 99 милијарди за руски гас, но колку ќе го плати горењето јаглен?
Европа заштедила речиси 100 милијарди од обновливи енергенси,
но колку ќе го плати горењето на јагленот, лигнитот и останатите фосилни
горива, особено што пресметките за потрошени енергенси не ги вклучуваат
трошоците за здравјето на луѓето?
Европа се соочува со најтешката енергетска криза досега, особено земјите кои се директно зависни од увозот на гас од Русија. Растот на цените на течниот природен гас по избувнувањето на војната во Украина се заканува да ја клекне на колена европската економија, а поскапувањата ќе удрат по стандардот на граѓаните, додека пак помалите бизниси на кои петкратно им се зголемија сметките за струја ќе стават клуч на врата.
Но, дали обновливата енергија може да биде спас за Европа, не само за како што се најавува „најтешката зима досега“, но и долгорочно со постепеното намалување на зависноста од руски гас.
Во текот на 2022 година, енергијата во рамки на Европската Унија поскапела за околу 40%, што влијае и врз двоцифрената инфлација. Тие стапки се приближно исти како и поскапувањата на струјата во Македонија кои на повеќе наврати беа воведени изминатиот период, додека пак реалната инфлација која ја чувствуваат македонските граѓани е многу повисока, па така одредени прехранбени производи се двојно поскапени.
Гас за спас или да се чека на зелената енергија?
Според анализите, земјите од Европската Унија, од почетокот на војната сметано од март месец заклучно со септември „заштедиле“ околу 99 милијарди евра кои би ги потрошиле на гас наместо струја од обновливи извори, или за 11 милијарди поголема заштеда од лани, кога немаше толку изразена енергетска криза.
Овој заклучок го носи извештајот на тинк-тенк организациите за клима и енергетика Ембер и Е3Г кои ги анализираат податоците за зголеменото производство на електрична енергија од соларни и ветерни централи.
Во период кога Европа се соочуваше со огромна суша и дојде до пад од неверојатни 75 терават часови производство од хидроенергија, во изминатите шест месеци биле произведени за 39 теравати повеќе електрична енергија од сонце и ветер.
Тука се зема во предвид и намалувањето на производството на електрична енергија од нуклеарните централи од дури 75 терават часови споредено со 2021 година. Повеќе земји, вклучувајќи ја и „економската локомотива“ Германија, во минатото носеа одлуки токму за исклучување на нуклеарните реактори.
Што беше тоа енергетска транзиција?
Иако фосилните горива, покрај нуклеарната енергија, беа најсилно критикувани од европјаните, сепак, реалноста покажува дека не е „страшно“ да се гори и по „малку“ јаглен, особено не за време на ваква тешка криза.
Ембер и ЕЗГ откриваат дека е зголемена употребата на јаглен со произведени 19 теравати повеќе од лани, како и на лигнит со 18 додатни теравати. Иако Германија и зелените движења низ Европа пропагираа дека природниот гас, особено со евтината испорака од Русија, е привремено решение додека не се заврши енергетската транзиција, сепак се покажа дека „стариот континент“ е многу ранлив, особено што активирањето на капацитети за производство на обноливи извори на струја е многу побавно од гасењето на нуклеарните и термоцентралите.
Од една страна учеството од речиси 25% во вкупното производство на струја во евро-блокот е позитивно, но од друга страна неопходноста на фосилни горива како јаглен и лигнит не може да се игнорира, не само затоа што ќе го зголеми загадувањето и емисиите со јаглероден диоксид, туку ќе предизвика и огромни штети врз здравјето на луѓето, а трошоците на здравствените системи не влегуваат во овие пресметки на „заштеди и загуби“.
Х. С.
