Со нов закон ќе се спречува мобингот во Македонија
Ќе се носи посебен закон за заштита од психичко вознемирување на работното место односно за мобинг, што ќе важи и за јавниот и за приватниот сектор, соопшти денеска на владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Планот е законот да се изгласа за три месеци, а како иницијатор се јавува Сојуот на синдикатите на Македонија.
Во законот ќе бидат содржани и разработени и постоечките законски норми од Законот за работни односи каде што се третира мобингот.
Според владиниот портпарол, со законот ќе се предвиди квалификацијата на делото психичко вознемирување на работно место и случаите кога се цени дека е извршен мобинг. Ќе има и санкции за вршење мобинг, а ќе се дефинира и ограничи злоупотребата на законот за несоодветно пријавување.
„Тоа ќе овозможи поголема заштита, но и поголема мотивација на работникот за работа, за креација и продуктивност. Со законот ќе се постигне хармонија во дејствувањето на работодавачот и работникот, но и на самите работници меѓусебно, во насока на остварување на заедничките цели и интерес“, појасни Ѓорѓиев.
Од 2009-та се пријавени 30 случаи на мобинг. Тоа се постапки отворени пред Комисијата за заштита од дискриминација, а неколкумина помалку побарале и судска заштита.
Слично
