Со лотарија Вучиќ ќе ги стимулира Србите да се вакцинираат
Со лотарија, српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ги стимулира граѓаните да се вакцинираат.
Тој изјави дека бројот на граѓани кои се имунизираат не е доволен и дека зголемениот број новозаболени нема да биде загрижувачки за една или две недели, но дека тоа ќе биде „за еден месец и половина“. Вучиќ рече дека луѓето кои не сакаат да се вакцинираат покажуваат неодговорност.
„Да не спомнувам колку службени лица не го сторија тоа. Утрово му реков на еден министер да се вакцинира. Изговорите дека некој ја прележал короната и не треба да се вакцинира не значат ништо, тие не се точни“, рече Вучиќ.
За тоа дали ќе бидат потребни докази за вакцинација за посета на кино салите, тој рече дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и дека тој не може да го крши.
Во соседството, пораст на бројот на нови случаи со Ковид-19 има во Грција, во Албанија е регистриран прв случај на заразен со делта сојот на вирусот, додека во Србија има мало зголемување на бројот на заболени.
