Со љубов од Париз, збогум Америко – Може ли Макрон да ја осамостои Европа
Емануел Макрон е последниот влијателен лидер од претходната генерација политичари кои беа мотори на Европската Унија. Соочен со можен пораз на национално ниво од крајнодесничарската партија на Ле Пен, еден од последните големи потези на „малиот Наполеон“ ќе биде осамостојувањето на Европа од турбулентната врска со САД и конечно целосно обединување на континентот под едно знаме.
Макрон е последната трага од неолибералната европска политика, пред политичката сцена да биде поделена на ултра леви и ултра десни партии кои се борат со краен популизам да ги привлечат гласачите, што се одрази и на последните европарламентарни избори.
Во таква констелација се почуствува лидерството на политичари како Ангела Меркел и други од нејзината генерација кои или се повлекоа од сцената или беа предвреме пензионирани под налетот на популистите, од Скандинавија до Пиринеите, од Нормандија до Балтикот.
Но, има ли сила и капацитет токму Макрон да биде катализиратор на вистинското осамостојување на Европа или ќе остане симбол за една залудна политичка кариера без вистински достигнувања и празни симболични потези.
Критикуван дома, обожуван во Европа
Можеби делува парадоксално, но Макрон е најпопуларниот политичар надвор од своите граници во рамки на Европската Унија и натаму е симбол на европските центристи и либерали за успешен модел на владеење и лидерство.
Во него и натаму се полага надеж дека може да ја обедини Европа под едно знаме наспроти концептот на политичари од десницата како италијанската премиерка Џорџа Мелони која го застапува концептот на сојуз на суверени национални држави, а не една федерална европска држава.
Но, сите математики треба одново да се пресметаат бидејќи во „новото нормално“ Европа е се повеќе изолирана и оставена сама на себе, без силната поддршка која некогаш ја добиваше од Америка.
Претседателот Трамп тоа само го направи на подиректен и побезобразен начин, но факт е дека американската политика го менува фокусот во последните петнаесетина години за да се фокусира единствено на Кина и на азиските предизвици.
Макрон јасно укажа дека задача на лидерите во ЕУ не е да ги коментираат твитовите на Трамп и неговите често навредливи и скандалозни изјави, туку да ги застапуваат интересите на Европјаните.
Неговите заложби за единствена европска армија му го донесоа прекарот „малиот Наполоен“, но Франција денес вложува над 100 милијарди долари за воениот буџет, сума која повеќето европски држави не може ни да замислат да ја издвојат. Тоа ги поттикна Германците и Британците засилено да вложуваат во воените буџети, иако добар дел од овие средства се наменети за донации и воена помош за Украина.
Главниот мотив на Макрон е да покаже дека Европа може сама да се брани доколку дојде до распад на НАТО, без оглед дали тоа ќе биде формална дисолуција или едноставно блокирање на внатрешните механизми на одлучување, што би го изложиле континетот на зголемени безбедносни ризици. Такви би биле продолжување на руската агресија и хибридните воени закани од државни или недржавни актери, без соодветен одговор од НАТО структурите.
Со или без Макрон европските политички елити, освен крајните десничари, се решени да работат на зајакнување на европската самостојност, како во одбраната, така и во технологијата, надворешните односи и трговијата со нови партнери кои претходно биле дури и избегнувани поради блискоста со Вашингтон.
Можеби Макрон нема да успее да го заокружи овој потег, но сигурно ќе остане еден од политичарите кои гласно се спротивстави на Трамп кога повеќе немаше други опции за „одржување на врските“ преку Атлантикот.
Х.С
