СО ЈАВНО ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ФОТОВОЛТАИЦИ ЗА СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ: Зелена енергија во зоните
Компаниите кои функционираат во слободните економски зони (ТИРЗ) не можат да произведуваат сами енергија од обновливи извори затоа што тоа не е дозволено законски, но Дирекцијата разгледува опција тоа да се реши со постапка на јавно приватно партнерство. Од Дирекцијата за технолошки индустриски зони за Фактор ексклузивно откриваат дека оваа опција веќе се разгледува, а во следните денови ќе има интензивни разговори со сите засегнати страни да се утврди што ќе биде најприфатливо и за странските инвеститори и за државата. Опцијата, компаниите во зоните да можат да поставуваат фотоволтаични модули или пак евентуално да се разјасни процедурата како можат да се добијат дозволи за тоа во услови на проблематична енергетска ситуација минатата недела и јавно го потегна Делегацијата на германското стопанство во земјава. Првиот човек на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски вели дека сега се целосно ангажирани за да им се овозможи пристап на компаниите во зоните до енергија од обновливи извори.
„Ова прашање е иницирано од самите компании и пред да се случи значителен скок на цените на струјата, а се должи на зелените политики и цели поставени од ЕУ и другите развиени земји. Од наша страна согледани се сите пречки и ризици кои произлегуваат од регулативата за слободните економски зони. Пред се, во делот каде се регулираат дејностите што може да се вршат од самите компании. Поточно, дејноста производство на енергија од обновливи извори не е предвидена.
Како одговорна институција ова го посочивме на компаниите и веднаш се ангажиравме да најдеме решение што е и брзо и ефикасно. Едно такво решение најдовме во можноста Дирекцијата односно трета страна што би ја ангажирале во постапка за јавно приватно партнерство да овозможи ваква услуга за компаниите корисници на зоните, вели Деспотовски за Фактор.
Додава дека се отворени и за други дополнителни предлози и иницијативи од партнерите, што истовремено може да се реализираат, а кои ќе ги исполнат заедничките цели на државата и инвеститорите. За ова во следните денови ќе има средби и разговори.
Директорот на Делегацијата на германско стопанство Патрик Мартенс изјави минатата недела дека е пожелно прилагодување на законската одредба која важи за ТИРЗ.
„Треба да се разјасни како инвеститорите во ТИРЗ можат да
аплицираат за добивање дозвола за поставување на фотоволтаични модули на
крововите на своите производни капацитети со цел производство на електрична
енергија за сопствена потрошувачка.
Производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија енормно
придонесува кон зголемување на заштитата на животната средина и се вклопува во
стратегијата за развој на енергетскиот сектор на Северна Македонија, со која се
стреми кон што поголемо производство на енергија од обновливи извори на
енергија, рече Мартенс.
Деспотовски вели дека иницијативата за јавно приватно партнерство за фотоволтаични централи од ТИРЗ се реализира во рамки на новиот Стратешки зелен инвестициски фонд, што го промовираше Владата и Министерството за финансии на крајот од 2021 година.
„Со проектот за ЈПП ќе овозможиме не само задоволување на потребите на постојните инвеститори, туку и пристап до енергија од обновливи извори и за сите нови. Оваа можност дополнително ќе ја зголеми атрактивноста на Македонија, како дестинација за инвестирање во споредба со други земји од регионот, но и пошироко. Во изминатите неколку месеци се работеше на Физибилити студија, а веќе сме во фаза на подготвување на потребните одлуки што треба да се донесат со согласност од Владата, додава Деспотовски.
Инаку тој вели дека во рамки на изработката на Физибилити студијата направиле анкета со сите корисници во ТИРЗ. Од оние што одговориле, а биле доста, станало јасно дека постои сериозен интерес за користење на енергија од обновливи извори. Друга што е секако важно, од вкупната површина што стои на располагање на овие компании односно кровните површини над две третини би била на располагање за искористување преку моделот на јавно приватно партнерство што бил предложен како едно решение.
Александра Томиќ
