Со израмнување на акцизите на црвената нафта и дизелот се намалува просторот за малверзации
Стопанската комора излезе со предлог за зголемување на акцизата на нафтените деривати како анти-кризна мерка за санирање на штетите од корона вирусот, со што според нивните пресметки, во просек државниот буџет на месечно ниво би прибирал 3,8 милиони евра повеќе, односно 46,2 милиони евра на годишно ниво.
Но, додека реакциите беа во насока дека со зголемувањето на акцизата на горивата од два денари се удира по џебот на граѓаните и оти ќе предизвика дополнителнен терет на транспортерите и индустријата, никој не го коментира другите два предлози – укинување на повластена акциза на Екстра лесното гориво и изедначување со дизелот и за реактивирање на нафтоводот Солун-Скопје.
Додека првиот предлог е чисто економски – зголемена акциза од два денари – зголемени приходи во буџетот, вториот предлог за изедначување на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот има и економски и еколошки аспект.
- Екстра лесното гориво во еден килограм содржи 100 пати повеќе сулфур во споредба со еден килограм дизел гориво. Ако на пазарот во РСМ годишно се трошат приближно 50 илјади тони (приближно 60.000.000 литри) ЕЛ-1 гориво, а дел од овие колични (според некои истражувања на Свтеска банка дури до 90 проценти) наместо за греење се користи како погонско гориво, наместо 500 кг сулфур во атмосферата се испуштаат речиси 50 илјади килограми сулфур, се вели во предлогот од Стопанската комора.
Со изедначување на акцизата на екстра лесното гориво, која сега е за девет денари помала од таа на дизелот се намалува и просторот за малверзации што е главен мотив за изигрување на Законот за акцизи и користење на екстра лесното гориво како погонско гориво.
- Користењето и употребата на ЕЛ-1 како гориво за греење во практиката е многу тешко да се контролира и во пракса често се изигрува Законот за акцизи, па од страна на потрошувачите се случува маслото ЕЛ-1 да се користи како погонско гориво, наместо како гориво за греење, се вели во образложението на предлогот од Стопанската комора.
Со цел да се стопира оваа појава и да се регулира трговијата, Стопанската комора предлага законски измени со кои доколку потрошувачите докажат со соодветен документ (на пример, фактура за инсталиран капацитет) дека горивото го искористиле или го користат како гориво за греење, за истото да биде пресметана повластена акциза за користење на акцизно повластени добра и да можат да извршат поврат на платена акциза.
