Со грчки цевки ќе се гради македонскиот дел од гасоводот Македонија-Грција
Грчката компанија „Коринт Пајпворкс“ објави дека на барање на изведувачот од Куманово, „Рапид Билд“, ќе ги произведува цевките за природен гас што на македонската страна ќе се поставуваат во текот на изградбата на гасоводот Македонија - Грција.
Тоа значи дека оваа компанија ќе обезбеди цевки за гасоводот од 68 километри на македонската страна.
„По успешната имплементација на грчкиот дел, „Коринт цевководи“ сега ја презеде и испораката на цевки HSAW со дијаметар од 28 инчи за делницата во Северна Македонија, на барање на „Рапид Билд“. Сите цевки се сертифицирани за транспорт на водород според стандардот ASME B31.12 – Опција Б, со што се обезбедува подготвеност за интеграција на чиста енергија во иднина“, објави операторот од Атина.
Тони Каранфиловски, сопственикот на „Рапид Билд“, кој како избран изведувач ја започна изградбата на гасоводот по кој ќе транзитира природен гас и евентуално водород, за „Фактор“ рече дека неговата фабрика за цевки ФЗЦ 11 Октомври АД Куманово не е во можност да ги испорача овие материјали.
- Цевките за интерконекторот ќе ги произведува грчката фирма од Атина. ФЗЦ не може да произведе 711-милиметарски цевки за гас по бараниот стандард, ни потврди бизнисменот Каранфиловски.
Се очекува интерконекторот Грција-Македонија да биде оперативен во првата половина од 2027 година. Церемонијата на поставување камен-темелник беше одржана на 9 јули.
„Рапид Билд“ како една од водечките градежни компании во Македонија за инфраструктура и енергетика проекти беше избран на повикот за изведувач на македонскиот дел од гасоводот откако достави најповолна понуда.
Corinth Pipeworks е еден од водечките светски производители на челични цевки и профили за енергетскиот и градежниот сектор. Постои повеќе од половина век.
А.К.
