Економија, финансии, бизнис

Контакт

Со две соопштенија од Бејли и Орав нема да заврши кризата!

Со две соопштенија од Бејли и Орав нема да заврши кризата!

Поединечни средби и изјави на претставниците на меѓународната заедница не се доволни за повторно да се оживее процесот од Пржино.   Потребен е  нов посилен и структуиран ангажман на меѓународната заедница, кој би ги вратил партиите на преговарачката маса. 

Таквиот ангажман би требало да ги возобнови целите и принципите на договорот од Пржино и да биде отворен за нови решенија, но и за нови, пошироки формати на дијалог,  вели  за Фактор Малинка Ристевска Јорданова од институтот за Европска политика.

Според неа,  нов момент е тоа што  сега  се вклучува и шефицата за надворешна и безбедносна политика  на ЕУ Федерика Могерини која досега се држеше настрана, препуштајќи му на Комесарот за проширување  на ЕУ  Јоханес Хан  да се занимава со Македонија .

„Во моментов меѓународната заедница не знае што да прави, се концентрира само на техничките операции за Избирачкиот список и грчевито се обидува да се спаси што може да се спаси од Пржинскиот договор . Сега Вашингтон и Брисел се обидуваат целата  одговорност да ја пренесат на домашен терен“ проценува Ристовска-Јорданова .

Нашиот соговорник смета дека притисокот  на  меѓународниот фактор  сега е пред се’ насочен  кон лидерот на  СДСМ Зоран Заев  затоа што се свесни дека без учество на опозицијата Пржинскиот процес ќе доживее целосно фијаско . Од друга страна, според Ристовска –Јорданова , СДСМ би платила преголема политичката цена ако сега  ја повлече  одлуката за бојкот на изборите.

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор:  Како  би  можело  да се надине  длабоката  политичка  поларизација во ситуација на дијаметрајално спритиавени гледишта за исполнување на клучните точки од договорот во Пржино со кои  треба да се обезбедат услови за фер, демократски и кредибилни избори?

Ристевска-Јорданова: Сега е многу тешко да се надмине оваа ситуација.  Партиите имаат спротивставени ставови. Не само ставовите, туку реално постапките се спротивни на Договорот.

Клучно е што принципите на Пржинскито договор - да се дејствува во интерес на граѓаните, како и да се преземе политичка одговорност почитувајќи ги демократските стандарди - не се реализираат. Пржинскиот договор имаше и механизам за спроведување – разговорите со посредство на медијаторот Ванхауте. Сега овој механизам го нема, а скоро е невозможно партиите да се вратат на преговарачката маса без меѓународно посредништво. Поединечни средби и изјави на претставниците на меѓународната заедница не се доволни за повторно да се оживее процесот. Би бил потребен нов посилен и структуиран ангажман на меѓународната заедница, кој би ги вратил партиите на преговарачката маса. Истовремено, таквиот ангажман би требало да ги возобнови целите и принципите на договорот од Пржино и да биде отворен за нови решенија, но и за нови, пошироки формати на дијалог, нови субјекти во процесот. Таква реконструкција на Пржинскиот процес, или поточно речено на дијалогот, е голем предизвик за меѓународната заедница. Истовремено, какви и да е нови политички решенија треба да се наоѓаат во уставни рамки. Ова е отежнато, имајќи предвид дека серијата одлуки на парламентарното мнозинство за изборите кои се проблематични од аспект на усогласеност со Уставот ја комплицираат кризата, која не е само политичка, туку е институционална, па и криза на уставниот систем.

 Фактор: Како ги оценувате синхронизираните пораки  кои  ги  испратија Вашингтон и Брисел.  Се има впечаток дека меѓународната заедница по сето она што го  вложија  низ  серијата  средби  со партиските  лидери  нема да дозволат  да пропадне договорот од јуни –јули?

Ристевска-Јорданова: Меѓународната заедница дефинитивно се обидува да спаси што може да се спаси, а особено да не се загрози она што досега е постигнато - а тоа е, пред сè, Специјалното јавно обвинителство. Затоа се концентрираат на одделни точки на Договорот, кои во моментов ги сметаат за критични. Сега тоа е Избирачкиот список и функционирањето на ДИК. Но, тоа е сепак малата слика. Средната слика е довербата во избирачкиот процес од страна на партиите и на граѓаните. За жал, оваа доверба ја нема и тоа ги прави евентуалните избори на 5 јуни бесцелни. Големата слика е нормализацијата на политичкиот процес – нешто што меѓународната заедница не може да ни го подари, во што домашните фактори мора да играат клучна улога.

Вториот впечаток е дека претставниците на меѓународната заедница се обидуваат да ја пренесат одговорноста на домашен терен. Но, во ситуација кога веќе се создадоа очекувања тие да ги повлекуваат главните конци, особено во критичните моменти, тешко е да се направи ваков пресврт. Затоа е неопходна реконструкција на дијалогот во нов формат.

Фактор: Дали фактот што Федерика Могерини се повикува на активности во „следните, клучни недели“, се сингал  дека разговорите со посредство на гарантите на Договорот ќе продолжат и дека во моментов ништо не е извесно - ни изборите ни бојкотот ?  

Ристевска-Јорданова: Повеќе е сигнал дека во моментов меѓународната заедница не знае што да прави, се концентрира само на техничките операции за Избирачкиот список и грчевито се обидува да се спаси што може да се спаси од Пржинскиот договор. Од друга страна, самото појавување на Могерини е нов момент, зашто таа досега се држеше настрана, препуштајќи му го досието Македонија целосно на комесарот Хан.  

Фактор: Зошто притисокот од Брисел  и Вашингтон во моментов е пред се насочен кон лидерот на СДСМ  Зоран  Заев, мислите ли дека опозицијата би попуштила на притисокот однадвор и би се  повлекла од одлуката за бојкот на изборите?  

Ристевска-Јорданова: Притисокот е насочен таму затоа што се свесни дека без учество на опозицијата Пржинскиот процес ќе биде неуспех. Од друга страна, за СДСМ е преголема политичката цена на повлекување на одлуката за бојкотот на изборите. Секакво решение помеѓу - како што е техничко легитимизирање на изборниот процес преку учество на претставниците на опозицијата во ДИК – нема да ја смени суштината – извесниот недостатокот на кредибилитет и легитимитет на изборниот процес.

Слично

Поврзани вести