Со Демир Капија Смоквица требаше да ги притиснеме Грците за името
Универзитетскиот професор Вулнет Палоши, експерт по патна инфраструктура , во интервју за Фактор тврди дека во областа на патната инфраструктура е вистински хаос. Причините ги лоцира кај поставувањето на партиски кадри за директори на јавни претпријатија поврзани со патиштата. Палоши смета дека во Македонија пропаѓа патно богатство вредно 20 милијарди евра.
ФАКТОР: Г-дине Палоши, зашто во Македонија изминативе 20 години постои тотална незаинтересираност од сите влади за инвестиции во инфраструктрата, особено патната?
ПАЛОШИ: Поставување на партиски кадри на чело на министерството за градежништво и транспорт како и директори на јавните претпријатија поврзани со патиштата кои не беа од градежната фела и не ја познаваа проблематиката доведе до целосен хаос во оваа област.
ФАКТОР: Зашто Македонија не гради патишта кои ќе ја поврзат со земјите од опкружувањето и уште повеќе со земјите од ЕУ?
ПАЛОШИ: Во просторниот план на Македонија јасно се утврдени патните коридори и нивната реализација. Зашто 10 години не се гради коридорот К-8, а се дава приоритет на К -10, треба да е некоја геостратешка одлука на Владата која не кореспондира со стручните мислења на специјалистите од патната област.
ФАКТОР: Косово веќе посочи дека бизнисот со Македонија трпи поради неизградени патишта, но затоа веќе побрзо стигнуваат до пристаништето во Драч?
ПАЛОШИ: Новиот автопат од Приштина до Драч, поевтините давачки за утовар, истовар на пристаништето Драч во однос на Солун, нормално привлекува корисници кои ја заобиколуваат Македонија
ДОДЕКА НИЕ ЧЕКАВМЕ, АЛБАНИЈА И БУГАРИЈА ГРАДЕА
ФАКТОР: Во Македонија се чини се прават улици од локален карактер. Истовремено на патниот правец Скопје-Охрид не е инвестирано ништо. До Струмица се уште се доаѓа по макадам, авопатите и тие кои ги имаме се запустуваат. Пропаѓа ли патното богатство во Македонија.
ПАЛОШИ: Од ден на ден 20 милијарди патно богаство пропаѓа одржувањето е на најниски гранки. Преструктуирањето на јавното претприатије ,,Македонија Пат ,, тапка во место. Користењето на патните услуги од возачите станува се поопасно, растат жртвите во сообраќајот на патиштата, не се применуваат усвоените смерници утврдени од Парламентот во ,,Националната Стратегија за Безбедност на сообраќајот на патиштата,,.
ФАКТОР: Демир Капија - Смоквица, за изградбата на овој дел од автопатот се крена голема прашина, особено со тендерот кој го доби грчката фирма, кој е вашиот коментар?
ПАЛОШИ: Ова требаше да се искористи до максимум во преговорите за името. Да се даде приоритет на К -10 кој по мене им треба само на Грците за излез во Европа, јас незнам каква стратегија е тоа? Нека го градеа сами со нивни пари, а не со пари од граѓаните на Македонија и тоа им дадовме да го гради нивна фирма. Просто се чудам што се случува ?
ФАКТОР: Македонија тапка в место. Освен бомбастичните најави за идни проекти, на терен нема некоја поголема инфраструктурна инвестиција. Зошто?
ПАЛОШИ: Додека ние размислувавме и чекавме Албанија и Бугарија изградија нови стратегии кон патните коридори и интезивно ги градеа. Коридорот К-8 кој беше од витално значење за Македонија оти ќе го привлечеше и проектот АМБО како и другите инфраструктурни проекти, пропадна.
Потпишаниот меморандум пред неколку дена помеѓу Албанија, Грција, Италија за гасоводот ТАП во вредност од 3 милијарди долари јасно укажа дека Македонија е заобиколена. Возот си замина останавме на станица,да држиме говори со празни ветувања.
И.М.
Слично
