Економија, финансии, бизнис

Контакт

СО АВТОМОБИЛ, AВТОБУС ИЛИ ВОЗ: На кој начин најголем дел од македонските работници патуваат до работа?

СО АВТОМОБИЛ, AВТОБУС ИЛИ ВОЗ: На кој начин најголем дел од македонските работници патуваат до работа?

Во Македонија граѓаните најчесто до работното место стигнувале со сопствено возило, а најмал е бројот на оние кои патувале со воз.


Со автомобил во својство на возач патувале 190.368 работници, додека како совозач со автомобил до работа оделе 27.092 работници. Според последниот попис на населението од 2021 година, во Македонија 129.764 работници до работното место стигнувале пеш.  Бројката на оние кои користеле велосипед за да стигнат на работа е далеку помала, односно 14.093 работници. Со мотоцикл на работа оделе само 3.046 работници според пописот.  Со градски автобус на работа оделе 44.073 луѓе. Со меѓуградски автобус до работа патувале 16.072 работници.  Со воз патувале само 341 работник според пописот, а 10.058 луѓе не патувале до работа. Со организиран превоз на работа стигнувале 49.977 луѓе.  Статистиката вели дека 53.028 работници користеле повеќе од едно превозно средство, додека за 54.166 луѓе нема информации на кој начин стигнуваат до работа.


Работниците кои ги анектиравме велат дека секогаш се труделе полесно, побрзо и поекономично да стигнат на работа.

„Кога одев на работа, одев пеш или со автомобил. Работното место беше оддалечено 3.5 километри. Одев некогаш и со автобус, односно гледав како е поевтино“, рече Сандра Радичевска, граѓанка.

Друга млада жена вели дека некогаш пеш, а некогаш со автобус одела на работа.

„Гледав како ми е попрактично. Сум одела и со такси и пеш, зависи“, кажа Стефани Станисављевиќ, граѓанка.

Дел од луѓето сакале да одат на работа со велосипед, но тоа не било изводливо.

„Сум одела на работа со комбе, со такси, а со велосипед не е безбедно да се оди, затоа што работното место е надвор од градот, има кучиња попат. Не е безбедно ни за маж да тргне со велосипед, а камоли за жена“, додава средовечна кумановка.

Вработените во европските земји често патуваат до работа користејќи јавен превоз, велосипеди или приватни автомобили. Во 2023 година, 22 отсто од работниците од Европската Унија(ЕУ) работеле од дома. Многу жители претпочитаат возење велосипед или пешачење, особено во Шведска и Холандија, според пишувањата на медиумите во Европа.

Глобално, над половина од сите патувања до работа (51 отсто) се реализираат со автомобил, според анализата на vis.csh.ac.at, а се смета дека јавниот превоз е клучен во областите со висока густина на населеност.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести