Владини субвенции за 150 вработувања на лица од социјално ранливи семејства
Од страна на Владата ќе се субвенционираат вработувањата кај лица кои се невработени, активно бараат работа и се од домаќинства кои користат социјална парична помош. Новиот проект денеска го најави портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев. Тој истакна дека програмата има за цел да им помогне на лицата од социјални семејства кои бараат работа во приватниот сектор.
„Корисници на оваа Програма од една страна ќе бидат членовите на домаќинствата - корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата за вработување и од друга страна работодавачи кои вработиле и склучиле договор за вработување за најмалку 12 месеци со лица од оваа категорија, односно членови на домаќинства - корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата,“ изјави Ѓорѓиев.
Според владиниот портпарол, приоритет ќе имаат младите на возраст до 29 години. И за нив важат условите да се невработени, активно да бараат работа преку Агенцијата за вработување на Република Македонија, како и да потекнуват од социјални домаќинства, но кои во текот на образованието користеле паричен надоместок за образование од 12.000 денари годишно.
Огласот ќе биде распишан во почетокот на идната година, а ќе може да аплицираат невработените и заинтересираните работодавачи кои треба да се пријават и искористат субвенцијата ако ги отворат своите фирми за овие лица една година.
„Оној работодавач што ќе вработи лице преку оваа програма месечно ќе добива паричен надоместок од 17.000 денари во период од шест месеци, од кои 14.000 ќе бидат наменети за бруто плата за вработениот, а три илјади ќе бидат за работодавачот, да го обучи работникот“, рече Ѓорѓиев.
За проектот се одвоени 13 милиони денари, а се најавува вработување на околу 150 лица.
Слично
